• понеделник, 23 декември 2024

Андреева: Корпоративниот сектор е профитабилен,  квалитетот на кредитите одобрени на претпријатијата и натаму се подобрува

Андреева: Корпоративниот сектор е профитабилен,  квалитетот на кредитите одобрени на претпријатијата и натаму се подобрува

Скопје, 4 ноември 2023 (МИА) - Домашниот корпоративен сектор успешно се справува со последиците од неколкуте последователни кризи, со двоцифрени стапки на раст на нето-добивката во изминатите две години. Послаби резултати во работењето се забележуваат кај микропретпријатијата, што датира уште од пред пандемијата. Долгот на претпријатијата како процент од БДП бележи минимално зголемување на крајот на минатата година, додека во споредба со ЕУ, домашниот корпоративен сектор е помеѓу помалку задолжените или умерено задолжените, оцени директорката на Дирекцијата за финансиска стабилност и макропрудентна политика на Народната банка, Наташа Андреева. 

Сепак, како што вели Андреева во интервју за „Блумберг Адрија“, трендот на раст наметнува потреба од внимателност. 

-Банкарскиот сектор е силна потпора за корпоративниот сектор, додека стапката на нефункционални кредити на претпријатијата е ниска и под нивото од пред пандемијата, посочи Андреева. 

Таа истакна дека закрепнувањето на корпоративниот сектор по пандемијата беше брзо, делумно поддржано и од политиките, со што веќе во 2021 година, се забележува раст на нето-добивката за високи 32,1 проценти, додека во 2022 година овој тренд продолжува, но поумерено, со раст од 19,8 проценти. 

-Карактеристично за 2022 година е што сите дејности се вратија на патеката на профитабилно работење, а најзабележливо зголемување на профитабилноста, и тоа над претпандемичното ниво, има кај угостителската дејност, којашто беше и најпогодена од корона-кризата. Корпоративниот сектор ја задржа и ликвидноста на релативно стабилно ниво, иако таа традиционално е ниска, а се бележи подобрување и во оперативната ефикасност и уредноста во извршувањето на обврските, прецизира Андреева.

Долгот на корпоративниот сектор, додаде, на крајот на 2022 изнесува 71,1 отсто од БДП и бележи мал раст во однос на 2021 година, но и натаму е во умерени рамки и под меѓународните прагови за ранливост. 

-Растот на профитабилноста е фактор што придонесува за одржливоста на долгот на корпоративниот сектор, којшто и натаму има соодветен капацитет за редовно намирување на обврските. Податоците од банкарскиот сектор засега не упатуваат на остварување на ризиците од затегнатите финансиски услови, стапката на нефункционални кредити на претпријатијата е ниска и изнесува околу 3,8 отсто, што е под нивото од пред пандемијата. Сепак, потребна е внимателност, во услови кога окружувањето и натаму е неизвесно, а геополитичките превирања создаваат ризици за динамиката на цените и економскиот раст, што заедно со растот на трошоците за финансирање може да ја зголеми ранливоста на корпоративниот сектор, посочи Андреева. 

Ова, како што вели, упатува на потребата од поголема внимателност кај компаниите при управувањето со долгот и планирање на новите задолжувања во согласност со финансиските капацитети на компаниите.

-Народната банка постојано ги следи случувањата и ризиците на кои е изложен банкарскиот систем и е подготвена да преземе соодветни макропрудентни и други мерки, доколку оцени дека е потребно тоа за да се одржи финансиската стабилност, нагласи Адндреева.вј/

Фото: НБ

 

Остани поврзан