• четврток, 21 ноември 2024

Ангеловски и Пандев на прием во Агенцијата за млади и спорт

Ангеловски и Пандев на прием во Агенцијата за млади и спорт
Скопје, 16 јули 2021 (МИА) - Историскиот пласман на европското првенство на македонската фудбалска репрезентација, како и долгогодишните успешни настапи на еден од најголемите фудбалски легенди беа повод Агенцијата за млади и спорт да организира прием на Горан Пандев и селекторот Игор Ангеловски. На средбата со директорот на АМС, Наумче Мојсовски беа искажани импресиите од историскиот настап на нашата репрезентација на Европското првенство. - Европското е голем успех за секоја репрезентација, особена за нашата. И покрај големите остварувања во мојата долгогодишна фудбалска кариера, за мене настапот на европско првенство со мојата репрезентација е моментот кој го чекав сите овие години, истакна Пандев. Селекторот Ангеловски потенцира дека имал огромна чест да биде прв селектор-предводник на репрезентација која настапува на едно големо натпреварување како што е европското првенство. - Тимот докажа дека кога има слога, има и успех. Без разлика кој од каде доаѓа нашите репрезентативци докажаа дека сплотеноста на тимот е предуслов за тоа што го постигнавме. Покажавме дека сме мала земја со големо срце, истакна Ангеловски. Директорот Мојсовски на двајцата им додели благодарници за досегашните успеси и за сите позитивни емоции кои ги предизвикаа кај целокупната нација. - Јас доаѓам од спортот и знам како треба да се вреднува спортскиот дух. Мојата цел како директор на Агенција за млади и спорт и на секој еден кој бил дел од спортот да го добие тоа што го заслужува, а за тоа потребна е добра организација, тимска работа и пред се’ чесна трудољубива работа и на самите спортисти, како и на клубовите и федерациите кои ги поддржуваат. Најдобар пример за тоа се капитенот Пандев и селекторот Ангеловски, рече Мојсовски. зс/

Остани поврзан