• понеделник, 25 ноември 2024

Ангеловска-Бежоска: Со финансиска едукација младите ќе придонесат за развојот на економијата

Ангеловска-Бежоска: Со финансиска едукација младите ќе придонесат за развојот на економијата

Скопје, 20 март 2024 (МИА) - Во рамките на „Глобалната недела на парите“, преку акцијата „Одблиску со гувернерот на Народната банка“, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска ги отвори вратите на својот кабинет за дел од студентите на Економскиот факултет при УКИМ, кои имаа можност одблиску да се запознаат со работата и активностите на Народната банка.

Гувернерката, како што соопштуваат од Народна банка, порачала дека само личности кои се добро едуцирани за начинот на управување со финансиите, може да бидат независни и да придонесат кон развојот на нашата економија и општество. 

На средбата, гувернерката одговорила на повеќе прашања на студентите, меѓу кои и за тоа што презема Народната банка за подобрување на финансиската писменост и инклузијата на младите заради нивна подготовка за активно вклучување на пазарот на работна сила.

-Во овие тешки времиња, при неколку последователни кризи, практиката покажа дека битките се водат со знаења. Ме радува тоа што, како студенти кои го завршуваат високото образование, го гледате сопствениот развој во нашата земја. Без вас, младите, нема иднина, а вратите на Народната банка, како носечка институција во земјава, се секогаш отворени за млади кадри кои сакаат да се надградуваат, да научат, да ги прошират видиците. Народната банка настојува да регрутира млади и перспективни високообразовани кадри, со потенцијал за аналитичка и истражувачка работа и со желба за професионален напредок. Тоа за нашата институција значи вложување во иднината, и во кадровска, и во мотивациска смисла, им порачала гувернерката Ангеловска-Бежоска на студентите.

Таа им се заблагодарила на студентите за интересот да се запознаат со работата на централната банка и за желбата да ги споделат нивните идеи заради градење подобра иднина во која активно ќе бидат вклучени и младите. дма/

Фото: Народна банка

Остани поврзан