• сабота, 21 декември 2024

Ангелова на панел дискусија за Денот на студентите: Вие сте архитекти на утрешнината, вие сте иднината

Ангелова на панел дискусија за Денот на студентите: Вие сте архитекти на утрешнината, вие сте иднината

Скопје, 18 ноември 2024 (МИА) – Почитувани студенти вие сте архитекти на утрешнината, вие сте иднината, вашата одлучност, љубопитност, детерминираност кон знаење, вашите соништа и очекувања, инспирираат надеж во иднината. Ова денеска го порача ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Биљана Ангелова на панел дискусијата на Студентскиот правобранител: Институционален дијалог „Реформирање на високото образованиe: Интердисциплинарни студии на иднината“, во рамки на одбележувањето на Денот на студентите.

-Секоја година овој ден носи моќна историја – Денот на студентите. На овој ден ја одбележуваме храброста и жртвата, а студентите кои во 1939 година се спротивставија на угнетувањето на нацистичката окупација во Прага, нивната потрага по правда, еднаквост и академска слобода не потсетува на немирниот дух на младите луѓе како катализатори за промени и напредок, истакна Ангелова во обраќањето пред панелот. 

Денес, додаде таа, меѓународниот ден на студентите ги надминува своите историски корени во чест на сите студенти низ целиот свет. 

-На овој ден ја нагласуваме разновидноста, издржливоста и споделените аспирации на поединци кои се стремат кон знаење, често соочени со тешкотии. Вие го отелотворувате духот на овој ден на еден свој начин. Вашите патувања не се само академски, тие се приказни за храброст, за адаптација и раст. Вие ги збогатувате вашите заедници со вашите перспективи и не учите за вредноста на соработката во светот што просперира на база на меѓународна поврзаност, рече Ангелова.

Овој, порача таа, служи како потсетник на важноста на рамноправниот пристап во образованието - образованието е основно право и моќна алатка за премостување на поделбите, подигање на заедниците и поттикнување на мирот. 

-Сепак, милиони студенти на глобално ниво се уште се соочуваат со бариери во учењето. Ајде да се посветиме на застапување на системи коишто ќе го поттикнуваат секој студент, без оглед на околностите. И како што го славиме Меѓународниот ден на студентите, да го почитуваме сеќавањето на оние кои се бореа за правото на образование, да размислуваме за нашето заедничко патување како на глобална студентска заедница и да ја обновиме нашата посветеност за градење свет во кој образованието е сила, моќ и напредок, рече Ангелова. 

Студентска правобранителка при УКИМ Савче Ѓошева, рече дека меѓународниот ден е многу значаен за студентите онаа жртва што ја дале во далечната 1939 година. 

-Оттогаш па до ден денес се прославува овој ден со цел да се поттикне оној порив кај студентите секогаш да се борат и секогаш да поставуваат прашања и да бидат критички настроени кон авторитарните режими, рече таа. 

Ѓошева порача дека студентите секогаш мора да се борат за нивните права и мора секогаш да бидат критички настроени доколку сакаат да имаат подобра академска заедница. нд/ац/

Фото: Принтскрин

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан