• недела, 22 декември 2024

Анализа: Податоците за вистинските сопственици на фирмите во земјава не се користат во борбата против корупцијата

Анализа: Податоците за вистинските сопственици на фирмите во земјава не се користат во борбата против корупцијата

Скопје, 9 декември 2024 (МИА) -  Надлежните институции во земјава малку ги користат податоците за вистинските сопственици во насока на спречување, откривање и санкционирање на перењето пари и во борбата против тероризмот, а се чини, воопшто не ги користат за други цели и за спречување корупција, криминал и злоупотреби во другите области, се наведува во денеска објавените резултати од анализата на користењето на податоците за вистинските сопственици во борбата против корупцијата во државава, на Центарот за граѓански комуникации, Здружението на даночни советници и Активо.

Според анализата, институциите и надлежната Управа за финансиско разузнавање имаат различни податоци за бројот на случаи против перењето пари и финансирањето тероризам.

- Од 2022 до април 2024 година, Управата примила 194 иницијативи од надлежните органи од кои, натаму, изработила и поднела 21 извештај до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Дополнително, Управата во истиот период поднела до ова обвинителство и 50 извештаи за сомнителни трансакции, по сопствена иницијатива. Од вкупно 71 извештај што Управата го има поднесено до Обвинителството, 70 проценти се по сопствена иницијатива, а останатите 30  проценти по претходно примена иницијатива од некоја од надлежните институции. Од 17 институции во земјава со коишто Управата треба да соработува, од кои осум се директно наведени во законот дека треба да се борат против перењето пари и финансирањето тероризам, само две имаат конкретни бројки за случаите за коишто користеле податоци од Регистарот на вистински сопственици, покажува анализата.

ЦГК потсетува дека државава не ја презеде обврската што ја препорача ММФ за време за кризата со КОВИД-19 – да ги објави имињата на вистинските сопственици на фирмите што склучиле договор за јавни набавки поврзани со корона-кризата и оти не ја спроведе ниту заложбата од Националниот акциски план за Партнерството за отворена власт 2021 – 2023 да ги објавува јавно вистинските сопственици на фирмите понудувачи и на оние што добиле договор за јавна набавка. Исто така и дека Европската Унија и ОЕЦД имаат забелешки за недоволното користење на податоците од регистарот на вистински сопственици.

-За унапредување на користењето на податоците за вистинските сопственици во земјава се препорачува: проширување на опфатот на вистинските сопственици, олеснување на пристапот до податоците до поширок круг на заинтересирани страни, поврзување со други бази и податоци, поголема интероперативност меѓу институциите и унапредување на проверката на податоците, стои во анализата.

Проектот „Користење на податоците за вистинските сопственици за намалување на корупцијата“ е поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.лв/

фото: МИА архива 

Остани поврзан