• петок, 22 ноември 2024

АМС промовираше нова фитнес-зона на отворено во Крива Паланка

АМС промовираше нова фитнес-зона на отворено во Крива Паланка
Крива Паланка, 21 февруари 2023 (МИА) - На спортскиот комплекс во Крива Паланка денеска беше промовирана новата, инклузивна, фитнес-зона на отворено, инвестиција вредна три милиони денари од Агенцијата за млади и спорт на Република Северна Македонија.
 
Новото спортско-рекреативно катче го промовираа министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски и градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.
 
- Денеска во Општина Крива Паланка извршивме примопредавање на фитнес-зона, трета од „Проектот 15 фитнес-зони” започнат од почетокот на оваа 2023 година. Покрај примопредавањето на фитнес-зоната се направи и увид на локацијата за реконструкција на повеќенаменското игралиште во село Мождивњак. Оваа реконструкција ќе започне во текот на март. Наредните денови ќе извршиме примопредавање на фитнес-зоните во Општина Шуто Оризари и Општина Струмица. АМС продолжува да ги развива условите за спорт и рекреација во општините, рече Мојсовски.
 
Градоначалникот Митовски порача дека ветувањата станаа реалност, а од денеска паланчани можат да спортуваат и да се рекреираат на зоната што нуди достапност и пристапност за сите млади, спортисти и рекреативци од Крива Паланка.
 
- Инвестицијата е вредна три милиони денари, а вкупна површина од 184 квадратни метри е обложена со стандардизирана гумирана подлога. Поставени се осум комбинирани фитнес-справи и реквизити и една специјализирана за лица со попречености, рече градоначалникот на Митовски.
 
 
Фитнес-зоната е хортикултурно уредена и поставена е нова урбана опрема.
 
- Продолжуваме да инвестираме во современа спортска инфраструктура. Создаваме квалитетни услови за развој на современ тренинг-центар за рекреација, подготовки и тренизи на младите спортисти и возрасните рекреативци, дополни Митовски.
 
Утрово Мојсовски, Николовски и Митовски извршија увид на местото каде ќе се изврши реконструкција на спортскиот терен на местото Дубје, село Мождивњак што наскоро ќе добие нов и модерен лик.
 
- Жителите ќе добијат мултифункционално спортско игралиште по сите стандарди благодарение на АМС и централната власт. Со заеднички сили, средства и енергија вложуваме во подобрување на условите за спорт и рекреација на младите, во сите делови од општината, за оттука, од Мождивњак, да излезат уште многу истакнати спортисти, како што е еден од најталентираните македонски млади фудбалери, Теодор Николовски, кој потекнува токму од Дубје, и од кривопаланчката фудбалска школа, а е истакнат спортски амбасадор на општината и државата, бранејќи ги боите на македонската фудбалска репрезентација до 18 години, додаде Митовски. ид/фф/

Остани поврзан