Аморим: Учиме да победуваме на разни турнири и играме стратешки за да освоиме поени
- Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Рубен Аморим, ги сподели своите впечатоци по победата на неговиот тим од 4-1 против Реал Сосиедад во реваншот од осминафиналето на Лига Европа, по кој „црвените ѓаволи“ се квалификуваа во четвртфиналето со вкупни 5-2.

Манчестер, 14 март 2025 (МИА) - Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Рубен Аморим, ги сподели своите впечатоци по победата на неговиот тим од 4-1 против Реал Сосиедад во реваншот од осминафиналето на Лига Европа, по кој „црвените ѓаволи“ се квалификуваа во четвртфиналето со вкупни 5-2.
-Беше напорна недела, но ние покажавме малку од нашата иднина и се справивме со проблемите на сегашноста. Нашиот тим одигра добро. Физичката подготовка беше на високо ниво, а на овој турнир можеме да доминираме од овој аспект. Учиме да победуваме на разни турнири и играме стратешки за да освоиме поени. Тоа беше тешка, но добра недела, рече Аморим по натпреварот.
Португалецот истакна дека работата со играчи како Касемиро е клучна за успехот на тимот.
-Учам да користам играчи како Касемиро. Без многу опции, се обидуваме се да организираме на најдобар можен начин и тоа многу ни помага, додаде тој.
Тој го пофали и младиот Гарначо за добриот настап на десно крило, каде, според него, е поуспешен од лево.
И покрај разочарувањата во Премиер лигата, Лигата на Европа останува главна цел на Манчестер Јунајтед оваа сезона. Аморим истакна дека трофејот на овој турнир е една од последните шанси за клубот следната сезона да се пласира на европските клупски турнири.
-Малите нешта навистина се важни. По натпреварот во Шпанија, играчите веруваа дека можат да продолжат напред. Верувам дека се подготвени за следните предизвици, изјави Аморим.
Во четвртфиналето Манчестер Јунајтед за противник ќе го има Лион кој со вкупен резултат 7:1 го елиминира ФЦСБ.
-Против Лион ќе биде сосема поинаков натпревар, ќе биде многу пофизички. Играат во лига слична на нашата, со акцент на физичката сила. Мора да најдеме начин да победиме користејќи поинаков пристап, заклучи Аморим. дс
Фото: Архива