Амнести ја осудува употребата на касетна муниција од страна на Иран во нападите врз Израел
- Употребата на касетна муниција од страна на Иран во неодамнешната војна со Израел го крши меѓународното хуманитарно право, соопшти Амнести интернешнл во соопштение објавено вчера.
Берлин, 24 јули 2025 (МИА) - Употребата на касетна муниција од страна на Иран во неодамнешната војна со Израел го крши меѓународното хуманитарно право, соопшти Амнести интернешнл во соопштение објавено вчера.
-Касетната муниција е по својата природа неселективно оружје кое никогаш не треба да се користи, вели Тереза Бергман, експерт за Иран во Амнести интернешнл во Германија.
Израел започна да напаѓа цели низ Иран на 13 јуни, вклучувајќи ги и нуклеарните постројки за да ја спречи земјата да развие нуклеарно оружје. Вооружените сили на Иран одговорија со ракетни напади врз Израел.
Една недела по почетокот на војната, САД се вмешаа и бомбардираа три од најважните нуклеарни постројки во Иран. По 12 дена напади, неочекувано беше објавен прекин на огнот.
Амнести соопшти дека употребата на касетна муниција од страна на Иран во борбите ги загрозила израелските цивили.
Според властите, 29 лица биле убиени во Израел од ирански ракетни напади за време на војната.
Израелските воздушни напади во Иран одзедоа повеќе од 1.000 животи. Активистите за човекови права го критикуваа однесувањето на двете страни во конфликтот.
Израел намерно ги таргетираше и убиваше иранските нуклеарни научници и воени команданти и бомбардираше цивилни објекти како што е озлогласениот затвор Евин во Техеран. мс/
фото: ЕПА архива