Американски и сириски војници ранети во напад во централна Сирија; напаѓачот е убиен
- Најмалку четворица американски војници се ранети, некои од нив критично, кога непознат напаѓач денеска отворил оган врз нивната патрола во централниот сириски град Палмира
Дамаск, 13 декември 2025 (МИА) - Најмалку четворица американски војници се ранети, некои од нив критично, кога непознат напаѓач денеска отворил оган врз нивната патрола во централниот сириски град Палмира, изјави американски функционер за Ројтерс, пренесува БТА.
Сириската државна новинска агенција САНА, цитирајќи безбедносен извор, објави дека двајца сириски војници се повредени и дека напаѓачот е убиен, без да даде други детали.
Бројот на ранети и сериозноста на нивните повреди може да се променат како што пристигнуваат повеќе информации, изјави американскиот функционер, кој зборуваше под услов на анонимност.
Претходно, двајца сириски функционери изјавија дека бил нападнат конвој на сириските воени сили и американските сили од коалицијата предводена од САД, која се бори против терористичката „Исламска држава“.
Американската војска е стационирана во североисточна Сирија како дел од долгогодишните напори за помош на курдските сили во регионот.
Изворот за САНА изјави дека американски хеликоптери ги евакуирале повредените во американската база Ал-Танф во сирискиот регион во близина на ирачката граница. ссм/
фото: архива/илустрација