• среда, 25 март 2026

Реакција на ЕК и странски амбасади по одлуката за Балуку, за Рама тоа би го направил секој парламент во Европа

Реакција на ЕК и странски амбасади по одлуката за Балуку, за Рама тоа би го направил секој парламент во Европа

Тирана, 12 март 2026 (МИА) – По одлуката на албанскиот парламент да го отфрли барањето на СПАК за одземање на пратеничкиот мандат на Белинда Балуку, реагираа Европската комисија и неколку странски амбасади.

Европската комисија нагласува дека посветеноста на владеењето на правото и борбата против корупцијата се од големо значење за процесот на пристапување на Албанија во Европската Унија.

Исто така, става акцент на значењето од создавањето услови СПАК ефикасно да ја извршува својата задача, директно поврзувајќи го ова со напредокот на Албанија кон европската интеграција.

„ЕУ го следеше исходот од денешното гласање во албанскиот парламент. Обезбедувањето поволна средина за СПАК ефикасно да ја извршува својата работа е од суштинско значење за веродостојна поддршка на напредокот на Албанија кон членство во ЕУ“, се наведува во реакцијата на Европската комисија.

Во реакциите на германската, британската и амбасадите на други земји се посочува дека „неопходен услов за напредок на патот на Албанија кон ЕУ е ефикасното гонење на корупцијата, дури и во случаи со висок ранг“.

Во својата реакција, премиерот Еди Рама ја нарече праведна одлуката на Парламентот, додавајќи дека секој парламент во Европа би го сторил тоа.

Како одговор на реакциите на главните европски амбасади, шефот на извршната власт нагласува дека целта на владата останува непоколеблива: Албанија во ЕУ до 2030 година.

Законодавниот дом со гласовите на владејачкото мнозинство го отфрли барањето на Специјалното обвинителство против корупција и организиран криминал (СПАК) за одземање на пратеничкиот имунитет на Балуку, осомничена за корупција, со цел нејзино апсење. Претходно беше разрешена од функциите вице премиерка и министерка за инфраструктура и енергетика. вт/јт/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан