Американски власти: Капитол е безбеден, четири часа по упадот на приврзаници на Трамп
- Американските власти го прогласија Капитол за „безбеден“ четири часа откако приврзаниците на републиканскиот претседател Доналд Трамп упаднаа во зградата на Конгресот и ја одложија седницата
Вашингтон, 7 јануари 2021 (МИА) - Американските власти го прогласија Капитол за „безбеден“ четири часа откако приврзаниците на републиканскиот претседател Доналд Трамп упаднаа во зградата на Конгресот и ја одложија седницата за одобрување на изборот на демократот Џо Бајден за нов претседател на САД.
Полицијата употреби солзавец и шок-бомби за да го ослободи Капитол од демонстрантите, непосредно пред влегувањето во сила на полицискиот час, најавен од градоначалничката Мјуриел Баузар во 18 часот по локално време.
Избувнаа судири меѓу полицијата и демонстрантите, но по употребата на гас и гранати, толпата почна да се растерува.
Десетици приврзаници на Трамп го пробија полицискиот кордон и упаднаа во Капитол за време на состанокот на двата дома на Конгресот. Беа евакуирани сенаторите, конгресмените и потпретседателот Мајк Пенс. Полицијата соопшти дека најмалку едно лице било застрелано во зградата, а најмалку 13 биле приведени. Одземени се и пет парчиња огнени оружја.
Портпарол на ФБИ изјави дека се деактивирани две експлозивни направи околу Капитол.
Според телевизискиот канал Ен-Би-Си жената повредена од огнено оружје на Капитол починала од раните. зш/