Американска премиера на „Приказната за Силјан“ во ИФЦ Центар во Њујорк
- Во легендарниот ИФЦ Центар во Њујорк вечер ќе биде одржана американската премиера на документарниот филм „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска.
Скопје, 28 ноември 2025 (МИА) - Во легендарниот ИФЦ Центар во Њујорк вечер ќе биде одржана американската премиера на документарниот филм „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска. Публиката на Менхетен ќе има можност да го доживее филмот што веќе започна глобално да освојува, буди љубопитност кај критичарите, а раскажува една оригинална македонска приказна за штркот Силјан, соопшто ПР тимот што стои зад филмот.
Веднаш по проекцијата ќе следи разговор со публиката на која ќе учествуваат Тамара Котевска (режисер и продуцент) и Жан Дакар (кинематографер и продуцент). Тоа е можност американските гледачи одблиску да ја чујат приказната директно од авторите за создавањето на филмот и за неверојатниот однос меѓу човекот и штркот кој го инспирираше целиот проект.
Филмот ја започна својата светска авантура во Венеција, каде ја освои престижната награда Cinema & Arts Award на Venice Film Festival. Тоа беше првиот силен сигнал дека „Силјан“ ќе го освои вниманието на документарниот свет. Следеа значајни награди и номинации од релевантни филмски фестивали: NY Doc, IDA (International Documentary Awards), Bergen, Cinema Eye Honors, Coronado Island Film Festival Калифорнија и ред други.
За вредноста на овој филм говори и откупувањето на правата од страна на National Geographic Documentary Films.
Филмот е кандидат за Оскар за категоријата „најдобар странски филм”, а токму National Geographic го пријавува овој филм за трката за Оскар, во категоријата “најдобар документарен филм”. Со самото пласирање во двојна оскаровска трка, повторно има шанса поради Тамара Котевска за двојна номинација за Оскар.
Вечерашната американска премиера во IFC Center е моментот кога филмот се среќава со американската публика, критичарите и фестивалските селектори. Се очекува голем интерес и од македонската заедница во Њујорк, која го следи успешниот лет на Силјан.са/дма/
Фото: плакат