Амбасадорот на Луксембург Филипе Донкел во посета на земјава
- Амбасадорот на Големото Војводство Луксембург за Северна Македонија Филипе Донкел од денеска до четврток ќе престојува во работна посета на земјава
Скопје, 5 април 2022 (МИА) - Амбасадорот на Големото Војводство Луксембург за Северна Македонија Филипе Донкел од денеска до четврток ќе престојува во работна посета на земјава.
Во рамки на посетата, како што информира Канцеларијата на почесниот конзулат на Големото Војводство Луксембург, амбасадорот Донкел ќе оствари средби со претседателот Стево Пендаровски, со премиерот Димитар Ковачевски и со вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ.
Амбасадорот Донкел ќе разговара со министерот за финансии Фатмир Бесими и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски зони Јован Деспотовски. Средби ќе оствари и со државниот секретар на МНР Зоран Попов и со претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Престојот на амбасадорот Донкел во земјава е по повод и отворањето на почесниот конзулат на Големото Војводство Луксембург во Северна Македонија, за чиј почесен конзул е назначен Петар Арсовски.
-Официјализирањето на почесниот конзулат, кое што е прво вакво дипломатско претставништво на Луксембург во земјите од Западен Балкан, е уште една потврда за пријателскиот и партнерски однос меѓу двете земји изграден низ повеќе од три децении од воспоставувањето дипломатски односи, се вели во соопштението.
Работата на почесниот конзулат, како што се наведува, ќе биде во насока на зацврстување на одличните односи и нивно интензивирање во политичката, економската и културната област. Луксембург, како една од земјите основачи на Европската Унија, е меѓу државите кои што силно и континуирано се заложуваат за европската перспектива на нашата земја. мд/лв/