Амбасадорот Буршаков за МИА: На 15 март Казахстан оди на референдум за нов Устав со кој ќе премине во претседателска република со влијателен еднодомен Парламент
- На 15 март Казахстан ќе одржи референдум за усвојување на нов Устав со кој конечно ќе се оттргне од „суперпретседателски“ систем на владеење и ќе премине во претседателска република со авторитетен, влијателен еднодомен Парламент. Сржта на нацртот за новиот народен устав е независноста, суверенитетот, територијалниот интегритет на државата, како и интересите и правата на граѓаните, вели во интервју за МИА амбасадорот на Казахстан во земјава, Сатибалди Буршаков.
Скопје, 10 март 2026 (МИА)
Виолета ГЕРОВ
На 15 март Казахстан ќе одржи референдум за усвојување нов Устав со кој конечно ќе се оттргне од „суперпретседателскиот“ систем на владеење и ќе премине во претседателска република со авторитетен, влијателен еднодомен Парламент. Сржта на нацртот за новиот народен устав е независноста, суверенитетот, територијалниот интегритет на државата, како и интересите и правата на граѓаните, вели во интервју за МИА амбасадорот на Казахстан во земјава, Сатибалди Буршаков.
- Казахстан започна период на длабока трансформација. Спроведуваме обемни промени кои ќе ја одредат судбината на целата земја. Во јануари 2026 година, претседателот Токаев ги постави основите на уставната реформа, врз кои се темели и нацрт-текстот на новиот Устав. Оваа реформа претставува еволуција од амандмани на одредени делови до сеопфатно обновување на највисокиот правен акт, со цел да се рефлектираат промените во политичкиот систем, моделот на јавна администрација и вредностите, вели амбасадорот Буршаков.

Тој подвлекува дека широката јавна дебата за прашањето на уставната реформа трае веќе повеќе од шест месеци, бројни предлози и амандмани биле разгледани во општеството, експертската заедница, социјалните мрежи и медиумите, а во јануари била формирана уставна комисија од 130 членови која ги систематизирала предлозите и претставила низа амандмани.
- Многу е важно што работата на комисијата беше целосно транспарентна. Никогаш досега реформите во Казахстан не биле дискутирани толку детално и пренесени нашироко во живо. Како што нагласи претседателот Токаев, во време на големи геополитички, геоекономски и технолошки пресврти, од витално значење е да се обноват националните цели, вредности и принципи, и тие да се зацврстат на уставно ниво, вели Буршаков.
Меѓу клучните институционални иновации е воведувањето на еднодомен Парламент (Курултај) составен од 145 членови, избрани по пропорционален модел со мандат од пет години, при што неговите овластувања значително се прошируваат. Исто така, се воведува функцијата потпретседател во извршната власт, кој ќе го претставува шефот на државата во соработката со домашни и странски социополитички, научни и образовни кругови.
- Претседателот на Казахстан има многупати нагласено дека реформата не е само промена на текстот на Уставот, туку има за цел вистински да ги промени општествените односи и да ја зголеми ефективноста на државата. Па така, референдумот ќе претставува почетна точка за практична имплементација на принципите утврдени во новиот Устав, вели Буршаков.
Во интервјуто казахстанскиот амбасадор говори и за чекорите кои претстојат доколку нацрт уставот биде одобрен од народот на референдумот, за економскиот развој на земјата која е рангирана од страна на ММФ меѓу 50-те најголеми економии во светот, инвестирањето во инфраструктурата за развој на транзитниот потенцијал на земјата, која се наоѓа на раскрсницата на најважните трговски патишта меѓу Европа и Азија и задржување, вели, на својот статус, како еден од гарантите на глобалната енергетска безбедност, како главен снабдувач на нафта, ураниум и други енергетски ресурси на светските пазари. Тој се осврнува и на перспективите на билатарните односи Скопје - Астана и за актуелната Блискоисточна криза.
Следува целосното интервју на амбасадорот на Казахстан Сатибалди Буршаков за МИА
Казахстан е во процес на уставни реформи. Која е нивната цел и кои се главните промени што ќе се воведат?
- Казахстан започна период на длабока трансформација. Спроведуваме обемни промени кои ќе ја одредат судбината на целата земја. Во јануари 2026 година, претседателот Токаев ги постави основите на уставната реформа, врз кои се темели и нацрт-текстот на новиот Устав. Оваа реформа претставува еволуција од амандмани на одредени делови до сеопфатно обновување на највисокиот правен акт, со цел да се рефлектираат промените во политичкиот систем, моделот на јавна администрација и вредностите.

Всушност, широката јавна дебата за ова прашање трае веќе повеќе од шест месеци. Оттогаш, бројни предлози и амандмани беа разгледани во општеството, експертската заедница, социјалните мрежи и медиумите.
Овој јануари беше формирана уставна комисија од 130 членови со цел да ги систематизира предлозите. Комисијата внимателно ги прегледа и ги обедини сите предлози и претстави низа амандмани. Многу е важно што работата на комисијата беше целосно транспарентна. Никогаш досега реформите во Казахстан не биле дискутирани толку детално и пренесени нашироко во живо.
Како што нагласи претседателот Токаев, во време на големи геополитички, геоекономски и технолошки пресврти, од витално значење е да се обноват националните цели, вредности и принципи, и тие да се зацврстат на уставно ниво.
Политичките реформи од последните години покажуваат дека Казахстан конечно ја напушта суперпретседателската форма на владеење и преминува кон претседателска република со авторитетен и влијателен Парламент.
Предложените амандмани ќе овозможат прераспределба на моќта, подобар баланс во системот на контрола и, што е најважно, поголема ефикасност и одржливост на сите политички институции. Во суштина, градиме сосема нов систем на управување.

Меѓу клучните институционални иновации е воведувањето на еднодомен Парламент (Курултај) составен од 145 членови, избрани по пропорционален модел со мандат од пет години, при што неговите овластувања значително се прошируваат. Исто така, се воведува функцијата потпретседател во извршната власт, кој ќе го претставува шефот на државата во соработката со домашни и странски социополитички, научни и образовни кругови.
Предлог текстот за новиот Устав ги содржи темелните принципи и вредности насочени кон обединување на нацијата и обезбедување прогресивен развој на Казахстан. Ги поставува темелите за изградба на „Праведен Казахстан“, владеење на правото, и става апсолутен приоритет на заштитата на човековите права и слободи. Уставот ги редефинира долгорочните насоки за развој на државата, утврдувајќи ги образованието, науката, културата и иновациите како стратешки приоритети. Ова ја одразува свесната транзиција кон модел на развој заснован на човечкиот капитал, наместо исклучиво на суровини.
Во областа на социјалната политика, Уставот го дефинира бракот како доброволна и еднаква заедница меѓу маж и жена, што служи како мерка за заштита на традиционалните вредности и зајакнување на правните гаранции за жените. Државата презема обврски да ги заштити традиционалните културни вредности и да се спротивстави на наметнувањето деструктивни однесувања. Истовремено, принципите на независност, суверенитет и територијален интегритет на земјата остануваат силни. Унитарниот карактер, територијалниот интегритет и формата на државно управување се утврдени како непроменливи.
Обновениот Устав ги зајакнува формулациите што се однесуваат на темелите на единство и социјална хармонија, воведувајќи го концептот на креативен и одговорен патриотизам. На тој начин, нацртот на новиот Устав претставува концептуално обновен, професионално подготвен документ кој помина сеопфатна експертска ревизија. Конечната одлука за усвојување на новиот Устав ќе ја донесат граѓаните на Казахстан на државен референдум на 15 март 2026 година.
Кој е следниот чекор по референдумот и усвојувањето на Уставот?
- Референдумот ќе биде клучен настан кој ќе ја одреди идната насока за развој на државата. Единственото прашање на ливчето на референдумот ќе биде усвојувањето на новиот Устав во неговата целост, што го нагласува интегритетот на предложените измени. Доколку нацртот биде одобрен од народот, новиот Устав ќе стапи во сила на денот на официјалното објавување на резултатите од референдумот.
Потоа започнува обемна работа за усогласување на сите закони со новите уставни норми. Ова подразбира нов пакет на закони и амандмани на постоечките закони кои ги регулираат владините агенции, правата и слободите на граѓаните, како и економските процеси. По завршувањето на овие процеси, ќе се одржат парламентарни избори за избор на членови на новоформираниот Курултај, по што ќе следи и формирањето на новата влада на Казахстан.

Претседателот на Казахстан има многупати нагласено дека реформата не е само промена на текстот на Уставот, туку има за цел вистински да ги промени општествените односи и да ја зголеми ефективноста на државата. Па така, референдумот ќе претставува почетна точка за практична имплементација на принципите утврдени во новиот Устав.
Дали уставните промени ќе го сменат правецот во кој се движи земјата?
- Новиот Устав е дизајниран да го консолидира и продлабочи развојниот правец на земјата. Не станува збор за менување на ориентацијата во надворешната политика, туку за суштинска трансформација на домашната структура и општествениот договор. Според експертите, новиот Устав ја одразува реалноста на веќе етаблирана држава, чии граѓани се фокусирани на создавање и напредок. Документот има за цел да создаде правна рамка за изградба на ефикасен и праведен модел на интеракција меѓу државата, општеството и бизнисот.
Уставните измени утврдуваат сосема нови приоритети во јавните политики. Како што веќе реков, за првпат на највисоко ниво, развојот на човечкиот капитал, образованието, науката и иновациите се утврдени како стратешки области во активностите на Владата. Ова подразбира долгорочен инвестициски приоритет во развојот на интелектуалниот потенцијал на земјата и технолошката обнова на економијата. Истовремено, се зајакнуваат механизмите за заштита на имотните права, притоа со разбирање дека користењето на имотот треба да им служи на интересите на целото општество.
На тој начин, новиот Устав станува висококвалитетен патоказ што ги обликува вредносните ориентации – креативен патриотизам, напорна работа, знаење и еколошка култура кои ги одредуваат долгорочниот развој на земјата. Правецот во надворешната политика заснован на мултивекторски пристап и прагматизам останува непроменет, но сега е поддржан со моќна внатрешна трансформација насочена кон зајакнување на суверенитетот и подобрување на благосостојбата на граѓаните.
Во врска со економскиот развој на земјата. Казахстан во 2025 година успеа да достигне 6,5 отсто БДП. Какви се перспективите за 2026 година и кои се предизвиците?
- Казахстан покажува силен економски раст, станувајќи лидер меѓу земјите од Источна Европа и Централна Азија до крајот на 2025 година. Според Светската банка, растот на БДП на Републиката достигна 6 отсто до крајот на годината, што е речиси седум пати повисоко отколку во голем број соседни земји и го потврдува статусот на земјата како еден од главните двигатели на растот во регионот. Благодарение на овој динамичен развој, бруто домашниот производ на Казахстан го надмина прагот од 300 милијарди долари (по глава на жител надмина 15.000 долари) за првпат во историјата, што е историско достигнување за казахстанската економија.

Според меѓународните експерти, перспективите за 2026 година се карактеризираат со фаза на стабилизација и умерен раст по период на брзо закрепнување. Светската банка прогнозира раст на БДП од 4,5 отсто, што го одразува преминот кон поурамнотежен модел на развој. Владата на Казахстан и понатаму е оптимист и продолжува да работи кон остварување на амбициозни цели, со фокус на квалитативен раст, диверзификација и одржливост на економијата.
Казахстан продолжува да се рангира меѓу 50-те најголеми економии во светот, според проекциите објавени од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во октомври 2025 година.
Оценките на ММФ се дека номиналниот бруто домашен производ (БДП) на Казахстан ќе достигне 320 милијарди долари во 2026 година, со што земјата ќе остане цврсто меѓу првите 50 земји во светот. Казахстан останува единствената централноазиска држава во оваа група.
Меѓу клучните задачи и предизвици со кои се соочува земјата во 2026 година е потребата од рамнотежа помеѓу стимулирање на економската активност и намалување на внатрешните ризици. Особено внимание се посветува на спречување прекумерен кредитен раст, контролирање на растечките цени за станбени и комунални услуги и обезбедување стабилни стапки на раст во секторот кој не е поврзан со ресурси. На глобално ниво, внимателно го следиме забавувањето на побарувачката во еврозоната и трговските ограничувања што индиректно можат да влијаат на можностите за извоз и ги прилагодуваме нашите економски политики на овие услови.
Масовната дигитализација и широката употреба на вештачката интелигенција станаа национален приоритет во Казахстан. Е-владата е важен столб на нашата национална стратегија за развој. Околу 90 отсто од јавните услуги се веќе дигитализирани.
Стратешката цел е понатамошна диверзификација на нашата надворешна трговија и економија, правејќи ја поинклузивна и поотпорна, како и трансформирање на Казахстан во целосно дигитална сила во следните три години.
Оваа 2026 година е прогласена за година на дигитализација и развој на вештачка интелигенција во Казахстан.
Кои се главните проекти на Казахстан, каде ќе се инвестира?

- Инвестициската политика на Казахстан е насочена кон спроведување на големи инфраструктурни и социјални проекти што ќе поттикнат висококвалитетен економски раст и ќе ја подобрат благосостојбата на населението.
Според меѓународните аналитички организации, во 2025 година Казахстан привлече околу 19 милијарди долари нови инвестиции, што претставува огромен дел од сите инвестициски проекти во Северна и Централна Азија. Значаен дел од овие средства беа наменети за реалниот сектор на економијата.
Главните инвестиции се насочени кон развој на индустријата и производствениот сектор, агроиндустрискиот комплекс, инфраструктурата и транспортот.
Во овој контекст, приоритетот се става на развојот на транспортната и логистичката индустрија како клучен фактор во отклучувањето на транзитниот потенцијал на земјата, која се наоѓа на раскрсницата на најважните трговски патишта меѓу Европа и Азија. Спроведуваме сеопфатна програма за модернизација на патиштата, железниците и пристанишната инфраструктура, што значително ќе го зголеми капацитетот и ќе го скрати времето за испорака. Посебно значење се придава на развојот на Транскасписката меѓународна транспортна рута (или „Средниот коридор“), што отвора нови можности за диверзификација на товарните текови и зајакнување на врските меѓу континентите.
Казахстан има за цел да стане главен транзитен и логистички коридор што ги поврзува Азија и Европа, градејќи модерна економија заснована на технологија, иновации и човечки капитал.
Зајакнувањето на транзитниот и логистичкиот потенцијал на Казахстан е задача од стратешко значење. Земјата се наоѓа во центарот на Евроазискиот континент на раскрсницата на повеќето транзитни автопати. Постојат 12 меѓународни транспортни коридори: 5 преку железница и 7 преку патишта, преку кои се извршува до 85 проценти од копнениот товарен транспорт помеѓу Кина и Европа.
Развојот на Транскасписката меѓународна транспортна рута (TITR), или Средниот коридор, и активното учество во проектот „север-југ“ јасно ја покажуваат нашата конкурентност во глобалните логистички синџири.
Во 2024 година, товарниот сообраќај по оваа рута се зголеми за 62%, достигнувајќи 4,5 милиони тони. Работиме со странски партнери за да воспоставиме унифицирана долгорочна тарифа по должината на коридорот. Ова ќе го зголеми товарниот сообраќај на 10 милиони тони.
Во енергетскиот сектор, Казахстан го задржува својот статус како еден од гарантите на глобалната енергетска безбедност, како главен снабдувач на нафта, ураниум и други енергетски ресурси на светските пазари. Истовремено, спроведуваме стратешки курс кон „зелена“ транзиција, активно развивајќи проекти во обновливите извори на енергија и водородните технологии за да се справиме со предизвиците на новата ера.
Паралелно со тоа, се работи на надградба на аеродромската инфраструктура на најголемите градови во земјата, што ќе придонесе за раст на патничките и туристичките текови. Важна алатка за постигнување на овие цели е меѓународната соработка со водечки финансиски институции, како што е Азиската банка за развој, која спроведува широки иницијативи во транспортниот сектор. Овие проекти се дизајнирани не само да ја зајакнат позицијата на Казахстан како сигурен транзитен центар туку и да создадат нови работни места, да го стимулираат развојот на сродните индустрии и да придонесат за одржлив економски развој на земјата.

Меѓународниот финансиски центар Астана (AIFC) одигра важна улога во привлекувањето инвестиции во 2025 година. Во текот на изминатата година преку неговата платформа беа собрани околу 6 милијарди американски долари, а бројот на регистрирани компании се зголеми за повеќе од илјада.
Значаен настан во 2025 година беше и Казахстанската глобална инвестициска тркалезна маса (KGIR-2025), која резултираше со потпишување на инвестициски договори во вредност од околу 7,5 милијарди долари. Договорите опфатија проекти во енергетскиот сектор, индустријата, земјоделството и логистиката.
Истовремено, се спроведуваат инвестициски проекти во областа на туризмот и регионалниот развој, вклучително и создавање туристичко-рекреативни комплекси во источните и јужните делови на земјата, што придонесува за диверзификација на економијата и развој на мали и средни претпријатија.
Главните инвестициски проекти во 2025 година ја потврдија ефикасноста на избраната стратегија на Казахстан за привлекување капитал и развој на индустрии кои не се засноваат на ресурси. Инвестициите станаа важен фактор во економската одржливост, технолошката обнова и зголемувањето на конкурентноста на земјата на меѓународната сцена.

Во делот на билатерални односи Астанја - Скопје, што да очекуваме на ова поле? Какви се можностите? Дали ќе има официјални посети на високи претставници во блиска иднина?
- Казахстан ја смета Северна Македонија за важен партнер на Балканот. Се залагаме за зајакнување и проширување на нашата билатерална соработка на секој можен начин. Среќни сме што одржуваме редовно контакти и отворен дијалог со Северна Македонија на највисоко ниво. Минатата година постигнавме важни заеднички резултати. Работната посета минатиот мај на Астана од страна на претседателката Сиљановска-Давкова, каде присуствуваше на Меѓународниот форум во Астана и каде се сретна со претседателот на Казахстан Касим-Јомарт Токаев, како и посетата минатиот јуни на министерот Тимчо Муцунски, се доказ за овие резултати. Се разговараше за енергетска соработка, кое е клучно прашање, за време на посетата на министерката за енергетика Сања Божиновска на Казахстан каде се сретна со нејзиниот колега. Регионална соработка беше оформена меѓу општината Куманово и градот Караганди кога градоначалникот Максим Димитриевски го посети Казахстан во мај 2025.
Има можности за соработка пред се во сферата на трговијата, економијата и инвестициите, каде има значаен неискористен потенцијал за зголемување на заемната трговија и за реализација на заеднички проекти. Сметаме дека, како правило, интензивирање на директните контакти на деловните круговите на двете земји е најефективниот алат за да најдеме нови точки за контакт и за промовирање на иницијативи. Основањето на казахстанскиот и македонски бизнис-совет се смета за клучен практичен чекор во таа насока.
Во таа насока, имаме големи надежи за продлабочување на соработката меѓу стопанските комори, кои имаат авторитет и експертиза за зближување на деловните заедници и олеснување на спроведувањето на заеднички проекти. Казахстан, со своите богати природни ресурси и развиен земјоделски сектор, им нуди на своите македонски партнери изобилство можности за воспоставување долгорочни соработнички врски.
Покрај економијата, важно внимание се посветува на хуманитарната сфера и поедноставувањето на контактите меѓу граѓаните. За време на состанокот на лидерите, беше постигнат договор да се разгледаат прашањата за олеснување на визниот режим, што треба да даде дополнителен импулс на туристичката, деловната и културната размена. Со нетрпение очекуваме интензивирање на билатералниот дијалог во блиска иднина и ја потврдуваме нашата подготвеност за суштинска работа во сите области од заеднички интерес. вг/паг/
Фото: Слободан Ѓуриќ