• понеделник, 23 декември 2024

Амбасадорката Евгенија Илиева ги презентираше тезите за дипломатскиот мандат во Словачка

Амбасадорката Евгенија Илиева ги презентираше тезите за дипломатскиот мандат во Словачка

Скопје, 6 септември 2022 (МИА) – Пред собрансиката Комисија за надворешна политика денеска тезите за својата дипломатска функција ги презентираше новата вонредна и ополномоштена амбасадорка на земјава во Република Словачка Евгенија Илиева.

По нејзината презентација претседателот на Комисијата пратеникот Антонио Милошоски ја прекина седницата заради други обврски, а продолжението го најави за утре. На седницата, според точките од дневниот ред, филтерот на Комисијата треба да го поминат и новите вонредните и ополномоштени амбасадори на Република Северна Македонија во Канада, Кралството Норвешка и во Кралството Белгија Агрон Буџаку, Дритон Куќи и Методија Белевски. Седницата на Комисијата започна откако кандидатот за амбасадор Илиева од име на МНР побара седницата да биде отворена за јавност со цел да се обезбеди кворум и на седницата да присуствуваат и пратениците кои не поседуваат безбедносен сертификат кој што е услов за учество на затворени седници. Собранискиот филтер веќе го помина новиот амбасадор на земјава во САД Зоран Попов, кој на барање на МНР поради сензитивност на информациите тезите за дипломатската активност ги презентираше зад затворени врати.

Милошоски, пред почетокот на седницата на прес-конференција во Собранието упати апел до министерот за надворешни работи Бујар Османи да размисли кога и дали е потребно да се класифицираат информации коишто ги претставуваат амбасадорите, а до пратениците на ДУИ секој да поднесе најитно барање за добивање национален безбедносен сертификат за да може да си ја исполнува улогата на пратеник во секоја ситуација.

-Оваа седница ја почнавме пред одреден период и по барање на МНР за истата мнозинството донесе одлука да биде затворена заради доверливост на одредени материјали што се доставени од МНР, а поврзани со амбасадорите и тогаш владејачкото мнозинство изгласа одлука седницата да биде од затворен карактер за јавноста.  Денеска имавме прв обид да ја продолжиме седницата во форма во која што работевме, односно затворена седница, но констатирам со жалење дека голем дел од пратениците од владејачкото мнозинство особено од партијата ДУИ немаа национални безбедносни сертификати и не можат да присуствуваат на таква седница, ниту пак да направиме кворум за да продолжи и да работи во тој формат, рече Милошоски на прес – конференција во Собранието.

На новинарско прашање, Милошоски појасни дека седницата кога беше испратен амбасадорот во САД беше затворена на барање на МНР, но на почетокот присуствувале сите пратеници и мнозинството одлучило да биде затворена, а при тоа гласале и оние пратеници кои немале безбедносен сертификат да учествуваат во работа на затворена седница. Според него, по однос на амбасадорите треба да имаме отворени седници за јавноста, но вели, мнозинството на крајот ја носи одлуката.

Во однос на тоа дали ќе поднесе иницијатива за обраќање на Османи пред оваа собраниска Комисија за случајот со вработувањето на лицето Бесмира Ејупи во МНР, Милошоски рече дека ќе се обидат да предложат Османи да реферира и оти се надева дека пратениците од мнозинството ќе поддржат еден ваков, како што рече, надзорен состанок каде што министерот би информирал за овој случај.

За најавите за испраќањето нови амбасадори, меѓу кои и во Амбасадата во Софија, Милошоски изјави дека засега немаат добиено материјали од МНР.

ВМРО-ДПМНЕ, рече Милошоски, најверојатно собраните потписи за иницијативата за референдум во однос на Договорот за доброседство со Бугарија ќе ги поднесе во Собранието следната недела. вг/са/ 

 

 

Остани поврзан