• недела, 22 декември 2024

Амбасада на САД во БиХ: Ниту еден поединец не е над законот

Амбасада на САД во БиХ: Ниту еден поединец не е над законот

Сараево, 11 август 2023 (МИА) - Амбасадата на САД во Босна и Херцеговина попладнево се огласи откако Обвинителството на Босна и Херцеговина поднесе обвинение против Милорад Додик, претседателот на Република Српска, и против Милош Лукиќ, в.д. директор на Службен весник на Република Српска, а поради Указот за неспроведување на одлуките на високиот претставник.

Амбасадата оценува дека ова е важен чекор во спроведувањето на владеењето на правото. 

„Обвиненијата на Обвинителството на Босна и Херцеговина против Додик и Лукиќ се важен чекор во спроведувањето на владеењето на правото, што е темел на секоја демократија. Законите на Босна и Херцеговина важат за сите граѓани. Ниту еден поединец не е над законот. Очекуваме институциите на Босна и Херцеговина и сите граѓани да ги почитуваат релевантните процеси вклучени во почитувањето на тие закони“, соопштија од Амбасадата на САД во Босна и Херцеговина.

Обвинителството на Босна и Херцеговина претходно денеска за федералните медиуми потврди дека поднело обвинение против Додик и Лукиќ заради донесувањето на уредбите за необјавување и неспроведување на одлуките на високиот претставник Кристијан Шмит. 

Република Српска не го признава Шмит за висок претставник бидејќи тој не е назначен во Советот за безбедност на ОН, како што е наведено во Анекс 10 од Дејтонскиот мировен договор. 

Обвинението против Додик и Лукиќ наиде на остри реакции кај официјални лица и функционерие на Република Српска, а Кабинетот на претседателот на Република Српска соопшти дека тоа е директен обид на Обвинителството на БиХ и политичкото Сараево, со сесрдна поддршка и асистенција, односно креација на американската Амбасада во Сараево и директно од амбасадорот Мајкл Марфи, како и Велика Британија и ЕУ, за поништување на институциите на Република Српска избрани според волјата на народот на демократски избори. сд/

фото: скриншот Анадолија

Остани поврзан