• сабота, 18 мај 2024

Амбасадата на Шведска со конкурс за позиција „Амбасадорка на ден“

Амбасадата на Шведска со конкурс за позиција „Амбасадорка на ден“

Скопје, 12 октомври 2021 (МИА) - Девојки на возраст над 15 години кои се заинтересирани да станат шведска амбасадорка на еден ден, сериозно се грижат за родовата еднаквост, демократија и еднакви права, како и за животната средина и сакаат да дознаат повеќе за тоа како да се направи промена, може да се пријават на конкурсот за позицијата „Амбасадорка на ден“ што го објави Амбасадата на Шведска во Скопје.

Конкурсот е дел од глобалната иницијатива #GirlsTakeOver, според која девојките ширум светот заземаат позиции на моќ по повод Меѓународниот ден на девојките, 11-ти октомври.

Како што информираат од Амбасадата, од кандидатката се очекува да го следи амбасадорот во текот на целиот ден, да присуствува на состаноци, да соработува со персоналот на Амбасадата и да учествува во целокупните дневни активности на Амбасадата. На крајот од работниот ден, ќе се очекува да напише краток извештај за работата што ја завршила. Работа ќе започне во 08:30 часот и ќе заврши во 16:30 часот.

Сите заинтересирани кандидати до 25-ти октомври на е-пошта на: ambassaden.skopje@gov.se треба да ги достават кратко мотивациско писмо и кратка биографија како и писмена согласност од родителите за девојчиња на возраст од 15-18 години. Успешната кандидатка ќе биде известена до 31-ви октомври, а од неа се очекува да ги изврши своите должности во текот на месецот ноември. ар/са/

Остани поврзан