• петок, 05 декември 2025

Ал Ануни: За ЕУ евентуална анексија на Западниот Брег од страна на Израел би била прекршување на меѓународното право 

Ал Ануни: За ЕУ евентуална анексија на Западниот Брег од страна на Израел би била прекршување на меѓународното право 

Брисел, 24 јули 2025 (МИА) - Во врска со најавата за усвојување на резолуција во израелскиот Кнесет за анексија на Западниот Брег од страна на Израел, ЕУ потсетува дека евентуален таков чекор би бил нелегален според меѓународното право, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Ануар Ал Ануни.  

- ЕУ е на став за непризнавање на израелскиот суверенитет над териториите окупирани од страна Израел во јуни 1967 година, во согласност со релевантните резолуции на Советот за безбедност на ОН. Потсетуваме дека анексијата е нелегална според меѓународното право. Затоа, какви било конкретни чекори кон такво гласање (во Кнесетот) би се сметале за прекршување на меѓународното право, истакна Ал Ануни. 

Тој додаде дека ЕУ ќе продолжи да работи со своите регионални и меѓународни партнери за посигнување на праведен, сеопфатен и траен мир на Блискиот Исток врз основа на решението за постоење на две држави – Израел и Палестина.  

- Став од Европскиот совет е дека сме цврсто посветени на траен и одржлив мир базиран на решението за две држави, потенцира Ал Ануни. 

Во однос на хуманитарната ситуација во Газа и евентуални мерки против Израел, портпаролот на ЕК потенцира дека населението во Појасот предолго страда и дека е потребно да се запре циклусот на страдање со имплементација од израелска страна на мерките договорени меѓу ЕУ и Израел. 

Ал Ануни додаде дека Израел вложи некои напори за спроведување на договорените мерки, како што е зголемувањето на бројот на камиони со хуманитарна помош што пристигнуваат во Газа и отворањето на дополнителни премини, но дека тоа не е доволно и ситуацијата и натаму останува лоша.  

- Сите опции остануваат на маса, доколку Израел не го имплементира договореното, истакна Ал Ануни. сп/вг/

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан