• петок, 22 ноември 2024

„Алкалоид“ пушти во употреба погон за производство на влажни марамчиња

„Алкалоид“ пушти во употреба погон за производство на влажни марамчиња
Скопје, 19 мај 2021 (МИА) - По 15 години производство на влажните марамчиња „Бекутан“  надвор од земјава според оригинална рецептура на фармацевтските експерти од „Алкалоид“, денеска компанијата пушти во употреба капацитет во кој целосниот процес ќе се спроведува во нејзините погони на локалитетот „Лафома“ во Ѓорче Петров. Технолошката и производствената опрема се набавени од Хрватска и од Турција, а во изведбата на проектот биле вклучени десетина македонски компании. Новата линија овозможува пакување од пет до 150 влажни марамчиња, со капацитет од 120 единици спакуван производ во минута. - Оваа инвестиција, чија вредност е близу 4 милиони евра, ја започнавме во март 2020 година. Таа опфаќаше приспособување на производствениот и на складишниот простор со вкупна површина од 3.200 квадратни метри, во кој е сместена целосно автоматизирана и роботизирана процесна и технолошка опрема. Максималниот годишен капацитет на оваа инвестиција е 50 милиони парчиња производ, изработени во согласност со строгите нормативи за добра производствена пракса и со европската регулатива за козметика. Особено ни е драго што сиот процес на производство на најпродаваниот производ од портфолиото „Бекутан“, влажните марамчиња, целосно ќе се изведува во нашите погони, според светски стандарди, изјави генералниот директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов. Самиот процес на производство започнува со добивањето прочистена вода, па следуваат приготвувањето на емулзијата за влажни марамчиња, процесот на навлажнување, сечењето, пакувањето на марамчињата во фолија и роботизираната линија за пакување во кутии. Приготвувањето на сопствената формулација за лосионот што се користи во марамчињата се врши во специјални мешалки со капацитет од 12.000 литри во една смена. „Бекутан“ е водечки бренд за детска козметика на македонскиот пазар, познат и признат и на пазарите во регионот со традиција од 43 години и е присутен на пазарите во 25 земји. сп/

Остани поврзан