• петок, 13 март 2026

Алиу: Првпат во државата подготвивме национален план за справување со масовни жртви, усвоен е на владина седница

Алиу: Првпат во државата подготвивме национален план за справување со масовни жртви,  усвоен е на владина седница

Скопје, 10 март 2026 (МИА) - Министерството за здравство соопшти дека во соработка со повеќе надлежни институции подготви национален план за справување со масовни жртви, со цел справување со зголемени ризици од настани кои може да резултираат со масовни жртви - природни катастрофи, сообраќајни несреќи, индустриски инциденти, пожари и други вонредни ситуации.

Особено по трагичниот настан во Кочани, наведуваат од Министерството, евидентно е дека е неопходно изработка на сеопфатен план кој поставува институционални стандарди во координација, тријажа, транспорт и згрижување на повредените лица.
 
-Овој план, кој беше усвоен на денешната седница на Владата по предлог на Министерството за здравство, подготвен е со поддршка на Светската здравствена организација, а е усогласен со препораките на НАТО и стандардите на меѓународните здравствени регулативи. Со усвојувањето на овој план се овозможува намалување на смртноста и зголемување на преживувањето при масовни инциденти, унапредување на координацијата меѓу институциите и побрз одговор, подигнување на оперативната готовност на здравствените установи, развој на систем за обука, симулациски вежби и континуирано усовршување, појаснува министерот за здравство Азир Алиу.
 
Воедно, целта на планот е да обезбеди оперативни протоколи за стратегиско, болничко и предболничко ниво,  рационално користење и распределба на човечките и материјалните ресурси, односно национално усогласена рамка за координирано постапување при настани со масовни жртви, информираат од Минстерството.
 
Во процесот на изработка на националниот план за справување со масовни жртви, Министерството за здравство, како што се посочува, воспостави мултисекторски и мултидисциплинарен пристап, кој овозможи стручна, институционална и меѓуресорска координација, а беа вклучени Институтот за јавно здравје, службата за Итна медицинска помош, ургентните центри, Центарот за управување со кризи, министерствата за внатрешни работи и за одбрана, Дирекцијата за заштита и спасување, Црвениот крст, медицинските факултети, како и меѓународни партнери и експерти од СЗО. рп/са/

Фото: МИА архива
 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан