• петок, 22 ноември 2024

Алиу: Од 97 до 227 дуални паралелки во земјава и соработка со 450 компании

Алиу: Од 97 до 227 дуални паралелки во земјава и соработка со 450 компании
Прилеп, 30 мај 2022 (МИА) - На последниот ден од презентацијата на средните стручни училишта, во рамките на кампањата „Учи паметно, работи стручно“, заменик-министерот за образование и наука Лулзим Алиу ги посети прилепските средни стручни училишта „Ѓорче Петров“, „Орде Чопела“ и „Ристе Ристески – Ричко“. Според заменик- министерот Алиу, годинава има интерес за формирање на дури 227 дуални паралелки во средните стручни училишта во државава, а министерството ги мотивира учениците со стипендија од по 3 500 денари. Повеќе од двојно се зголемува бројот на компаниите со кои е склучен договор за практична настава. Целта е да се остручат средношколците за веднаш по образованието да најдат работа и да придонесат за општините и за државата. -Денеска е последен ден за презентацијата на средните стручни училишта каде ги претставуваме дуалните паралелки. Тоа е нов квалитет кој сакаме да го промовираме, бидејќи мислиме дека ќе биде во интерес на самите компании, на општините и на целата држава, бидејќи учениците ќе бидат стручен кадар кој може да се вработи во компаниите каде веќе ја изведуваат практичната работа. Лани имавме 97 дуални паралелки, за оваа година, конкурсот е уште отворен за упис, имаме интерес и ќе бидат 227 дуални паралелки. Ако лани имавме 200 компании со кои е склучен договор за практичната настава на учениците, годинава имаме 450 компании кои ги отвориле вратите за учениците. Министерството ги мотивира учениците со тоа што им доделува стипендија од по 3 500 денари. Мислам дека тоа е добар стимул да се запишат и тие веќе ќе бидат остручени, и ќе може да се вработат. Целта ни е да ги остручиме и да придонесет тука, во општините и во државата, изјави Алиу. Во средното училиште „Ѓорче Петров“ има седум насоки за стручно-образование: за медицински сестри, физиотерапевти, фармацевтски техничари, техничар за преработка на дрво, за рударско-металуршката струка, за текстилната и за козметичко-фризерската струка. Од минатата година се две дуални паралелки, по една во текстилната и во рударско-геолошката струка. За парактична настава за струките во училиштето соработуваме со 16 фирми во Прилеп. ем/аа/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан