• петок, 22 ноември 2024

Александар Јанков во Кочани и Ѓорѓи Џепарковски во Виница го извадија светиот крст од водите на Кочанска и Градечка Река

Александар Јанков во Кочани и Ѓорѓи Џепарковски во Виница го извадија светиот крст од водите на Кочанска и Градечка Река

Кочани, 19 јануари 2023 (МИА) – Триесет и тригодишниот Александар Јанков од Кочани го извади светиот крст од водите на Кочанска Река во рамки на одбележување на празникот Богојавление – Водици. Заедно со него, скокнаа уште триесетина момчиња, но тој беше најбрз, па без проблем го фати крстот.

-Дваeсет години скокам по светиот крст, а ова ми е втора среќа да го извадам од водата на реката, откако и во 2006 година Бог ми ја подари таа радост. Посакувам многу бериќет и здравје на сите мои роднини, пријатели и сограѓани, истакна Јанков.

На водосветот и потопувањето на светиот крст, со кој чиноначалствуваше митрополитот брегалнички Иларион во сослужение со свештеници од кочанското архиерејско намесништво, присуствуваа голем број православни христијани од Кочани.

-Многу здравје, радост и благосостојба на сите граѓани на Кочани, нека е честит и вечен празникот. На денешното симболично одбележување на Христовото крштевање и на осветување на водите на реката во Кочани, во овој зимски ден Господ Бог даде благопријатно, сончево и топло време за да можат многу луѓе да дојдат и да го следат овој богоугоден настан. Момчето кое го фати крстот нека биде благословено и нека Бог му дари многу здравје, среќа и успех во животот, истакна митрополитиот Иларион.

Потопувањето на светиот крст во Виница се одржа на мостот на Градечка Река, а најбрз меѓу двесетината момчиња беше 23-годишниот Ѓорѓи Џепарковски од беровското село Митрашинци.

-Овде работам како полицаец и веќе десет години скокам по светиот крст, а во Виница ми беше третпат и конечно ми се оствари желбата да го извадам од осветената вода. Посакувам многу здравје за себе и за сите мои роднини и познаници, истакна Џепарковски.

Водосвет се одржа и на реката Зрновка во општина Зрновци, а светиот крст го фати 21-годишниот Михаил Стаменов.

Момчињата кои учествуваа во светиот чун добија благослов од Македонската православна црква, скромни подароци од локалните сампуправи и многу честитки од своите сограѓани.та/фф/

Фото: МИА

Остани поврзан