• петок, 22 ноември 2024

АЛДЕ се закани со исклучување на ДПС од своите редови поради Пеевски  

АЛДЕ се закани со исклучување на ДПС од своите редови поради Пеевски  

Брисел, 13 јули 2024 (МИА) - Алијансата на либералите и демократите за Европа (АЛДЕ) се закани дека би можела да го исклучи од членство бугарското Движење за права и слободи (ДПС), поради нејзиниот копретседател на Делијан Пеевски, кој се наоѓа на американската и британска листа на лица кон кои се воведени санкции поради вмешаност во корупција. 

Министерството за финансии на САД на 2 јуни 2021 година воведе санкции кон Пеевски врз основа на американскиот Закон за глобална отчетност, позната како „Закон Магнитески“ со кој се санкционираат сторители на дела поврзани со сериозни прекршувања на човековите права, корупција и перење пари ширум светот. Кон Пеевски и уште двајца други бугарски бизнисмени и 64 компании во нивна сопственост беа воведни санкции поради „нивната значајна улога во корупцијата во Бугарија“. Во истиот период. Пеевски беше санкциониран и од страна на Велика Британија врз основа на Глобалните регулативи за антикорупциски санкции. 

Пеевски е копретседавач на Движењето за права и слободи заедно со Џевдет Чакаров од февруари годинава, но заканата за можно исклучување на партијата од АЛДЕ, уследи откако ДПС, која ги застапува интересите на Турците во Бугарија, се соочува со внатрешна криза и поделби. Кризата во ДПС започна пред две недели со одлуката на Пеевски да ја преземе контролата врз партијата, прогласувајќи се за нејзин единствен претседател и разрешувајќи ги сите функционери кои важат за лојални на почесниот партиски претседател, основач и идеолошки лидер Ахмед Доган. Ваквиот потег на Пеевски доведе до поделба на Пратеничката група на ДПС, при што 27 пратеници застана на негова, а 20 на страната на Доган. 

Според генералниот секретар на АЛДЕ, Дидрик де Схацен случувањата во ДПС претставуваат „застрашувачки развој“ на настаните, кој мора да се третира многу сериозно. 

- Ако продолжи ваквата состојба, постои ризик ДПС да може да дојде во ситуација да се соочи со санкции, изјави Де Схацен. 

На последните парламентарни избори во Бугарија, одржани заедно со европските на 9 јуни, ДПС освои 16,56 отсто од гласовите и стана втора политичка сила на Народното собрание со 47 пратеници. Во исто време, ДПС беше втора и на изборите за членови на Европскиот парламент со освоени 14,66 проценти од гласовите и три европратеници. 

Најавата на Де Схацен за можно санкционирање на ДПС уследи откако на почетокот на неделава четири партии членки на АЛДЕ, австриската Нова Австрија и либерален форум (НЕОС), германската Слободна демократска партија (ФДП), словачката Прогресивна Словачка (ПС) и холандската Народна партија за слобода и демократија (ВВД), испратија заедничко писмо до централата на либералната Алијанса во Брисел во кое изразуваат загриженост поради Пеевски. 

- Не можеме да ја потиснеме загриженоста во однос на сопственото политичко семејство, во услови кога копретседателот на ДПС, е под санкции на САД, што нанесува штетата на имиџот на АЛДЕ, се наведува во писмото потпишано од лидерите на четирите партии. 

По ова во средата вечера 70-годишниот Доган, кој последниве години избегнува да се појавува во јавноста, објави писмена изјава со која го обвини Пеевски за „обид за пуч“ во ДПС. 

Доган оцени дека Пеевски со обидот за внатрепартиски пуч сака да преземе целосна контрола врз партијата со цел „да ја искористи партиската моќ за лични и групни интереси“, но и да го промени нејзиниот либерален политички профил. 

Тој го обвини Пеевски за „системско непочитување“ на Статутот на ДПС и за „брутален однос“ кон пратениците и членовите на централните органи и регионалните и општинските структури на партијата. 

Според Доган, процесот на „нелегитимни смени“ во раководството на ДПС дефинитивно мора да запре и побара оставка од Пеевски. 

Де Схацен во четвртокот во интервју за бриселскиот информативен портал „Еурактив“ изјави дека доколку Пеевски „победи и стане единствен лидер“ на ДПС, постои ризик АЛДЕ да ја исклучи партијата од своето членство. 

- Имавме премногу искуства кога раководството ја повлекува партијата во погрешна насока. Значи, ова е вистинска загриженост. Има и растечка загриженост од наши истакнати членки. Ако имате членки основачи кои ја изразуваат својата загриженост, тоа е навистина многу сериозен сигнал, истакна Де Схацен. 

На почетокот на месецов од АЛДЕ истапи партијата Акција на незадоволни граѓани (АНО) на поранешниот словачки премиер Андреј Бабиш и се приклучи кон новоформираната десничарска група Патриоти на Европа, предводена од партијата Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан. 

Напуштањето на АНО предизвика олеснување кај повеќето членки на либералите имајќи предвид дека веќе подолг период постоеја тензии во односите меѓу раководството на АЛДЕ и словачката партија, која беше обвинувана за популизам, свртување в десно и заземање конзервативни ставови.   

Според Де Схацен, искуството со АНО бара од АЛДЕ на направи „искрена проценка и да изрази загриженост“ со цел да се избегнат евентуални слични настани и со други нејзини партии членки. 

Во меѓу време, бугарскиот европратеник и копретседател на АЛДЕ, Илхан Ќучук на својот профил Фејсбук објави фотографија од Доган, што беше протолкувано како негова јасна поддршка за крилото на основачот на ДПС. Дополнително, Ќучук објави и три писма во кои лидери на меѓународни либерални групации изразуваат загриженост за случувањата во ДПС и апелираат да се спречи поделба или пропаѓање на партијата, која минува низ најголемата криза од нејзиното основање пред 34 години. 

Во писмата што ги објави Ќучук, потпишани од претседателот на Либералната интернационала, Хакима Ел-Хаите, првиот човек на Либералната мрежа на Југоисточна Европа (ЛИБСЕЕН), Роман Јакиќ и од поранешниот долгогодишен лидер на АЛДЕ, Греам Вотсон, воедно се изразува поддршка за Доган и неговото крило.  

Ел-Хаите во писмото наведува дека Либералната интернационала му дава поддршка на Доган. 

- Решително и заедно продолжуваме да даваме поддршка за вас и ДПС и се спротивставуваме на какви било напади врз вашиот политички и личен интегритет, се вели во писмото на Ел-Хаите. 

Јакиќ, пак, посочува дека ДПС под водство на Доган била на „вистинскиот проевропски и про-НАТО курс“ 

- Во текот на годините ДПС се покажа како партија на инклузивност и стабилност. Таа служеше како обединувачка сила и пример на меѓународно ниво водена од визијата на својот почесен претседател, се вели во писмото на Јакиќ. 

Вотсон изразува загриженост за ситуацијата во ДПС и испраќа порака за поддршка на Доган. 

- За жал, постојано бев сведок како индивидуалната себичност ја оддалечуваше ДПС од основните принципи на единство и колективните заложби за индивидуални слободи, предизвикувајќи Ве да се враќате одново и одново во активната политика за да се борите за почитување на принципите на партијата, наведува Вотсон во писмото. 

Случувањата во ДПС ги коментираше и лидерот на најголемата партија во бугарското Собрание, конзервативната Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), Бојко Борисов, кој оцени дека е невозможно е да се предвиди кој ќе победи на крајот – Пеевски или Доган. 

Според Борисов, да се предвиди исходот од дуелот меѓу Пеевски и Доган е исто како да се погоди кој ќе победи во утрешното финале на Европското фудбалско првенство - Англија или Шпанија. сп/

Фото: МИА Архива/ДПС/Фејсбук

Остани поврзан