Албанските власти дозволија истоварување на контејнери со отровен отпад вратени од Тајланд
Тирана, 8 ноември 2024 (МИА) - Брод што превезува отровен индустриски отпад ќе може да се истовари на албанско пристаниште Драч, соопштија денеска властите откако му беше одбиен влезот во Тајланд и помина со месеци на море.
Контејнерскиот брод „Молива“ кој плови под турско знаме, за кој се тврди дека превезувал 102 контејнери полни со отровен отпад, пристигна во водите во близина на пристаништето Драч пред 10 дена.
Не му беше дозволено да се закотви бидејќи пристаништето и другите власти работеа за да обезбедат дека неговите контејнери може да се складираат на безбедно место.
-Но, денеска пристанишните власти соопштија дека на бродот ќе му биде дозволено да ги растовари контејнерите. Откако ќе се истовари, контејнерите ќе бидат пренесени на безбедно место и отворени за да може да се испита содржината, рекоа официјалните лица.
Контејнерите ја напуштиле Албанија на почетокот на јули, а според документите на албанските царински органи во тоа време, неговиот товар се состоел од индустриски отпад, поточно „железен оксид“, чиј извоз е дозволен.
-Како и да е, информациите доставени од свиркач до Basel Action Network (BAN), невладина организација која се бори против извозот на токсичен отпад во земјите во развој, сугерираа дека товарот всушност содржи прашина од електрични печки (EAFD). Официјална истрага за ова прашање на 16 август почна Обвинителството на Драч, наведува Топ чанел.
Класифицирана како токсичен отпад, оваа прашина мора да се складира и транспортира под многу строги услови. На крајот отфрлени од Тајланд, контејнерите се вратија во Албанија по неколку месеци на море, со застанувања и промени на бродови во различни земји, вклучувајќи ги Шпанија, Португалија, Италија и Турција
На пристаништето веќе има полициски сили кои ќе бидат вклучени во безбедното транспортирањето и складирањето на контејнерите на место определено од властите, во периферијата на Драч.
Според документите во досието, отпадот доаѓа од челичарницата „Курум“ во Елбасан, централна Албанија, поранешниот металуршки комбинат, приватизиран од турската компанија „Курум“.
Испораката на индустриски отпад од западните земји за преработка на други места во земјите во развој е глобален бизнис кој се проценува дека вреди помеѓу 44 милијарди и 70 милијарди евра годишно, според еколошките невладини организации. вт/