• петок, 05 декември 2025

Албанската полиција кај Скадар откри и уништи над девет илјади стебла марихуана

Албанската полиција кај Скадар откри и уништи над девет илјади стебла марихуана

Тирана, 13 септември 2025 (МИА) - Во рамки на полициската акција „Координата" во неколку делови во северниот дел на Албанија, во округот Скадар, во текот на денов, откриени и уништени се 9317 стебла марихуана.

-Само во изминатите денови од оваа седмица, во регионот на Скадар беа пронајдени и уништени над 22 илјади стебла марихуана. Освен денешните, во подрачјето на Вау те Дејас, во регионот на Голема Малесија деновиве беа уништени над 13 илјади. Парцелите во поголем дел од случаите се на тешко достапни шумски предели, стои во полициското соопштение.

Во повеќето случаи, полицијата ги идентификувала одгледувачите,  14 се приведени а по неколку се трага. 

Според полициската статистика во текот на минатиот месец  откриени и уништени се 23.200 стебла марихуана, 340 килограми наркотична супстанца во форма на топчиња, 17 килограми пресувани во форма на чоколадо, 1,2 килограми со висок процент на T.H.C.како и 22,5 литри масло од канабис. 

Полицијата соопшти дека продолжува со акцијата за идентификување, фаќање и кривично гонење  на одгледувачите на наркотични растенија. вт/ссм/


Фото: албанска полиција

Остани поврзан