• недела, 24 ноември 2024

Албанската опозиција порача дека нема мир без формирање техничка влада, на протестот повредени 10 полицајци

Албанската опозиција порача дека нема мир без формирање техничка влада, на протестот повредени 10 полицајци

Тирана,  октомври 2024 (МИА) - Генералниот секретар на Демократската партија,  Фљамур Нока, по завршување на Националниот протест  изјави дека тоа е првиот чекор на граѓанската непослушност и дека од Собранието веќе излегле на улица.

Во изјава за медиумите, од седиштето на ДП, по завршувањето на протестот, во кој беа фрлани молотови коктели кон важни државни институции, меѓу кои и владата, Нока изјави дека државата е во паника и дека граѓанскиот бунт не може да се запре ниту со солзавец, ниту со полиција.

Нока го повтори повикот за техничка влада, сметајќи ја како единствена алтернатива за социјален мир и слободни избори.

-Дајте решение за барањето на граѓаните за создавање техничка влада, во спротивно нема да има мир. Тие денеска разбраа дека битката со граѓаните не се добива со гас, ниту со насилство. Граѓанската непослушност ќе продолжиме се додека не се исполнат нашите барања, изјави Нока.

Учесниците во протестот предизвикаа голема материјална штета, посебно по улиците уништувајќи рекламни паноа, запалија автобуска постојка, а голема штета е причинета и на седиштето на Социјалистичката партија.

Како што соопшти полицијата повредени се 10 полициски службеници а еден од демонстрантите бил зафатен од запалениот молотов коктел, но пожарникарите го спасиле.

Поради блокирани улици и неможноста да стигне до најблиската здравствена установа во автомобилот на својот сопруг се породила жена, која кусо по тоа била прифатена од брза помош која била во близина.

Повредените полицајци и родилката ги посетиле министерот за внатрешни работи, Ервин Хоџа, и генералниот директор на полицијата Илир Прода, кои потврдија дека сите се вон животна опасност.

Протестот, на кој немаше говори, кој се одржа под мотото "Марширање до Тирана-сега или никогаш" почна во 18:30, со задоцнување од половина час од најавата а заврши нешто пред 22 часот.  вт/
Фото: принтскрин

Остани поврзан