Албанија: Изгласан буџетот за идната година, тежок 8,2 милијарди евра, со дефицит од 680 милиони евра
- По единаесет часовна расправа, со 75 гласа „за“, од владејачкото мнозинство и 24 против на опозицијата, синоќа албанскиот парламент го изгласа буџетот за 2025 година.
Тирана, 4 декември 2024 (МИА) - По единаесет часовна расправа, со 75 гласа „за“, од владејачкото мнозинство и 24 против на опозицијата, синоќа албанскиот парламент го изгласа буџетот за 2025 година.
На седницата не беа прифатени над 40 амандмани на опозицијата, на групата ДП, но и на пратениците поддржувачи на Љуљзим Баша, а се однесуваа главно на обезбедување средства за економска поддршка на граѓаните.
Буџетот е најголем во историјата, вреден 8,2 милијарди евра. Приходите ќе достигнат околу 7,5 милијарди евра со зголемување од 510 милиони евра во однос на тековнава година. Додека буџетскиот дефицит е планиран во износ од 680 милиони евра.
Најголемо зголемување на буџетот за следната година ќе добие Министерството за здравство 807 милиони евра, за инфраструктура 740 милиони евра, министерство за образование 620 милиони евра, за економија 560 милиони евра.
Буџетските приходи за 2025 година се предвидени на 7,5 милијарди евра или 28,8 отсто од БДП. Јавниот долг се очекува да се намали на 55,8% од бруто домашниот производ, од 56,3%. Се предвидува задолжување на странскиот пазар со еврообврзница во износ од 600 милиони евра.
Инаку, Нацрт-буџетот беше начелно изгласан, по 48-часовна расправа, на 19 ноември, со 75 гласа „за“, 40 гласа „против“, а не гласаа 22 пратеници присутни во салата. вт/
Фото: парламент