• четврток, 25 декември 2025

Акција за пошумување во опфатот на Белчишко Блато во општина Дебрца

Акција за пошумување во опфатот на Белчишко Блато во општина Дебрца

Охрид, 22 декември 2025 (МИА) – Теренска акција за садење нативни дрвенести садници како практична мерка за превенција од пожари и заштита на чувствителни природни подрачја задутре ќе се спроведува во опфатот на Белчишко Блато во атарот на дебрчкото село Белчишта.

Ученици од основнните училилишта „Дебрца“ од Белчишта и „Кочо Рацин“ од Охрид, заедно со претставници на локалната самоуправа, на противпожарните служби и граѓански организации ќе бидат дел од акцијата, осмислена со цел непосредно вклучување на младите во грижа за природата. Тие практично, преку активности на терен ќе се запознаат со практиката за воспоставување еколошки противпожарни појаси како мерка за превенција од пожари и заштита на биодиверзитетот во чувствителните периферни зони на Белчишкото Блато.

Активноста се реализира во рамки на програмата што ја имплементира Здружението за екологија „Екоменлог“ од Охрид, преку проектот „EcoFire Youth Ambassadors – Интеграција на управување со пожари, наследство и одржливост на Охридското Езеро“.

Како што се соопштија од „Еконменлог“, со засадувањето нативните видови дрвја се придонесува кон намалување на ризикот од пределски пожари, стабилизација на почвата и долгорочна заштита на природните вредности, истовремено јакнејќи ја еколошката свест и одговорност кај младите.

Паралелно со теренската работа се развива и мобилната апликација „EcoFire Youth“, наменета за млади и граѓани кои сакаат активно да придонесат во превенција од пожари и заштита на природата. Апликацијата овозможува едукација за пожарни ризици, пријавување на потенцијални опасности и пожари, како и вклучување во еколошки активности и иницијативи на локално ниво.

Апликацијата https://ecofire.glide.page/ претставува алатка за поврзување на младите, наставниците и пошироката јавност со конкретни активности за превенција од пожари, навремено реагирање и подигање на јавната свест. аб/са/

фото/Екоменлог

Остани поврзан