Акција за бесплатно собирање кабаст отпад во Ѓорче Петров
- Во Општина Ѓорче Петров денеска почнува пролетната акција за бесплатно собирање кабаст отпад што ќе трае до 21 мај. Акцијата, како што велат од локалната самоуправа, е наменета за сите жители на општината, со цел да се подобри хигиената во населените места и да се отстранат старите, нефункционални и габаритни предмети од дворовите и улиците.
Скопје, 14 мај 2025 (МИА) – Во Општина Ѓорче Петров денеска почнува пролетната акција за бесплатно собирање кабаст отпад што ќе трае до 21 мај. Акцијата, како што велат од локалната самоуправа, е наменета за сите жители на општината, со цел да се подобри хигиената во населените места и да се отстранат старите, нефункционални и габаритни предмети од дворовите и улиците.
-Станува збор за организирана и бесплатна услуга, наменета за одложување на габаритни предмети како стар мебел, електроуреди и друг отпад кој не припаѓа во редовните контејнери. Поставени се вкупно пет фиксни контејнери во Хром Пољана, кај Кочо Рацин во населбата Македонска Војска, кај месната заедница во Даме Груев, во Александрија, кај стара „петка“ – Мирче Ацев и последна станица 5-ка во населбата Дексион, каде ќе биде присутен и камион со капацитет од 18 кубни метри, информираат од општината.
Покрај на фиксните локации, во текот на целата акција специјално ангажирани камиони ќе кружат на секој еден час низ повеќе точки во урбаниот и руралниот дел на општината, и тоа наспроти влезот на Санте Плус, на улиците „Алексо Демниевски“ (бр. 27 и трансформаторот на бр. 1), „Христо Батанџиев“ (наспроти детското игралиште), до кејот на Вардар (на крајот од ул. Кичевска и Рафаел Батино), паркингот кај КАМ – Даме Груев и игралиштето на поранешната „22-ка“ во Даме Груев.
Во руралниот дел специјално ангажирани камиони ќе кружат на секој еден час низ Ново Село (кај трансформаторот по месната заедница), во Стопански двор (пред продавницата Блага Вода), во Кисела Јабука (крстосница на ул. 84 и ул. 46), во Волково (кај кружниот тек и кај Дан Дар) и во Кучково, Орман и Никиштани (сред село).
-Локациите се прецизно утврдени, а целта е секој жител да има брз и лесен пристап до услугата, велат од Општината и апелираат до граѓаните да ја искористат оваа можност, но и да бидат совесни – кабастиот отпад да се остава исклучиво на означените места и во предвидениот период, за да се спречи нерегуларното депонирање и загадување на јавните површини.вј/са/
Фото: Општина Ѓорче Петров