• четврток, 21 ноември 2024

Активни 14.077 случаи на заразени со Ковид-19, болниците повторно се полнат, надлежните со интензивни апели за вакцинација

Активни 14.077 случаи на заразени со Ковид-19, болниците повторно се полнат, надлежните со интензивни апели за вакцинација
Скопје, 31 август 2021 (МИА) - Според последните податоци од Министерството за здравство, во моментов се активни 14.077 случаи на заразени со Ковид-19. Од почетокот на пандемијата досега во земјава заболеа 175.624, а починаа 5.901 лица. Состојбата повторно станува аларматна, секојдневно се бележи голем број на хоспитализирани лица, а надлежните се повеќе апелираат за вакцинација. Според последните податоци во Скопје има 5392 активни случаи, во Куманово активни се 892, Прилеп 239, Тетово 2016, Битола 258, Велес 214, Гостивар 1221,  Кавадарци  195, Охрид  423, Штип 184, Струмица  693, Струга  518, Кочани  120, Кичево 616, Гевгелија 75, Неготино 42, Свети Николе 102, Ресен 118, Крива Паланка 30, Радовиш 111, Берово 28, Делчево 48, Дебар 234, Виница 40, Пробиштип 42, Валандово 30, Богданци  28, Крушево  21, Демир Хисар 10, Демир Капија 3, Кратово 59, Македонски Брод 54, Пехчево 5, Македонска Каменица 15 и во Дојран 1 активен случај. Од Центарот за јавно здравје-Штип вчера излегоа со детална анализа во која се вели дека во Штип од почетокот на пандемијата до денес се регистрирани 5229 позитивни лица, починати се 150, оздравени 4895, моментално активни се 186 лица. Мал дел од активните се вакцинирани и се со лесна клиничка слика. Починати од новиот бран се четири лица од кои три се невакцинирани, а еден вакциниран со две дози над 70 години со коморбидитети. Забележани се и по еден случај на новозаразени во три штипски конфекции, а заразата им е од семејни контакти. -Во однос на возрасни групи најголем процент се над 60 години со пораст на возрасна група од 20-39 години во последните две недели. Во училиштата се поставени ковид координатори, кои се во постојан контакт со ЦЈЗ и се постапува соодветно. Во моментот има едно лице – воспитувачка во детска градинка која е позитивна на ковид, истата е ставена во изолација и изолирана е групата на деца со кои била во контакт, се вели во вчерашното соопштение од Центар за јавно здравје-Штип. Се пополнуваат болничките капацитети во Ковид центарот и хируршкото одделение во Општата болница со проширена дејност во Дебар, како последица на зголемениот број заразени на кои им е неопходен болнички третман. Директорот на болницата, Баки Алили, за МИА, вчера потврди дека моментно хоспитализирани се 38 пациенти, што е за осум повеќе од вчера попладне. -Од нив на кислородна поддршка се 32 пациента. Дневно амбулантски се лекуваат во просек 30 пациенти, додека во здравствени установи во Скопје имаме седум лица од нашето подрачје. И покрај сите напори на здравствениот кадар, за жал, денеска почина повозрасен пациент од Центар Жупа, кој беше хоспитализиран десеттина дена. Претходно како последица од опасниот вирус почина и неговата сопруга, изјави Алили. Тој нагласи дека веќе не апелира, туку ги замолува граѓаните сите кои не се вакцинирале тоа да го направат ден порано зашто само на тој начин може да се заштитиме себе си, нашите најблиски и поширокото опкружување. - Тоа може да го направат во модуларната болница која е ванцинален пункт, во дворот на нашата установа, не е потребен термин, туку со себе треба да понесат само документ за идентификација, порача Алили. Вчера во тетовската болница две лица на 56 и 86 години починале од Ковид-19, а сите болни кои се хоспитализирани се на кислородна поддршка. -Имаме вкупно 116 хоспитализирани луѓе и сите на се кислородна поддршка. Речиси сите се невакцинирани, односно само шестмина примиле само по една доза. Јас би ги замолила сите да се вакцинираат, ова е единствен начин да се заштитиме од оваа пандемија. Сите овие изминаите денови имаме смртни случаи, информира вчера Миранда Пајазити од Ковид-центарот. Од друга страна, поради влошената епидемиолошка состојба, вчера од Општина Струга информираа дека до Влада, Министерство за образование и наука, Министерство за здравство и Комисија за заразни болести  поднеле барање за пролонгирање на почетокот на учебната година во општина Струга. По вчерашниот состанок, на фејсбук-страницата на Општина Струга, беше објавено дека е дојдено до заклучок дека состојбата е полоша од претходната година за што се утврдило дека почетокот на учебната година е потребно да биде пролонгиран, односно истата во Струга наместо на 1 септември да започне на 20 септември. - Од тие причини, поврзани со епидемиолошката состојба во Струга, а и моменталните организациски услови во училиштата, при што доколку би имало настава учениците би биле во постојан контакт, особено на големите одмори каде заеднички се дружат, купуваат храна и го користат транспортот оние ученици кои патуваат од руралните средини што би било од негативно значење за нивното и здравјато на наставниот кадар, е наведено на фејсбук-профилот на Општина Струга. Од Општината додадоа дека според добиените информации од надлежните на секое наредно дневно тестирање, каде обично се прават 100 до 120 тестови дневно, секој четврти резултат е позитивен на ковид 19, а денес се хоспитализирани 35 лица во Општа болница Струга, 7 во Завод за нефрологија, а во Здравствениот дом во Вевчани 120 лица се на нега во домашни услови, додека во Струга 70 на домашна нега се 70 лица. Министерот за здравство Венко Филипче на неговиот фејсбук-профил вчера нагласи дека наставата ќе се одвива под јасно утврдени здравствени протоколи. - Во случај на влошување на епидемиолошката состојба, МОН по проценка на Комисијата за заразни болести, за реализација на наставата има две резервни сценарија со кои ќе се заштити и зачува здравјето на учениците и наставниот кадар, додаде Филипче. Тој апелираше родителите на децата што одат во училиште и градинка да се вакцинираат, за да го заштитат семејството од ширење на болеста. см/ац/  

Остани поврзан