• сабота, 21 декември 2024

Аксиос: САД ќе воведат санкции против нелегалните еврејски населби на Западниот Брег

Аксиос: САД ќе воведат санкции против нелегалните еврејски населби на Западниот Брег

Ерусалим, 14 март 2024 (МИА) – Се очекува американската администрација да воведе нови санкции против две нелегални еврејски населби на окупираниот Западен Брег, објави Аксиос, цитирајќи тројца американски претставници.

Населбите што треба да се санкционираат се користеа како база за напади на еврејските доселеници врз Палестинците.

Санкциите, кои би можеле да бидат наметнати уште денеска, имаат за цел да испратат порака дека САД се насочени не само кон поединци, туку и субјекти вклучени во обезбедувањето логистичка и финансиска поддршка за нападите врз Палестинците.

Нови санкции ќе бидат воведени и против тројца еврејски доселеници, соопшти порталот Аксиос.

Американскиот Стејт департмент не одговори веднаш на барањето за коментар на текстот на порталот.

Администрацијата на претседателот Бајден во февруари воведе санкции против четворица Израелци кои ги обвини дека се вмешани во насилството на доселениците на Западниот Брег, што се смета за знак на растечкото незадоволство на САД од политиката на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, потсетуваат израелските медиуми. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан