• понеделник, 25 ноември 2024

Акропол достапен и за лица со инвалидитет

Акропол достапен и за лица со инвалидитет
Атина, 3 декември 2020 (МИА) – Пристапот до Акропол, од денеска е достапен и за лицата со инвалидитет, преку новиот лифт, кој свечено беше пуштен во употреба во присуство на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, министерката за култура на Грција Лина Мендони и претседателот на Фондацијата „Онасис“ Андонис Пападимитриу, јави дописничката на МИА од Атина. -Денеска, 3 декември на Светскиот ден на лицата со попреченост, свечено го пуштаме во употреба новиот лифт, но и патеките дизајнирани со голема грижа, со цел Акропол да го направиме достапен за сите. За луѓето со проблеми во движењето, но и за на нашите постари сограѓани кои сакаат да уживаат во симболот на западната цивилизација, без тешкотиите по класичната патека за искачување на Акропол, истакна грчкиот премиер. Лифтот има носивост од 1300 кг, односно капацитет за две инвалидски колички со двајца придружници или едно носило од брза помош со еден придружник, а во просек искачувањето со лифтот трае околу 32 секунди. Од пролетта во 2019 година, Акропол беше без лифт, откако стариот, што беше како лифт за на градилиште, поставен за Олимписките игри, уште од 2018 година почна да појавува проблеми. Патеките за лица со инвалидитет и лифтот се донација од Фондацијата „Онасис“. ср/ссм/ Фото: Кабинет на грчкиот премиер/ Димитрис Папамицос  

Остани поврзан