• петок, 05 декември 2025

Ако не мислиме на младите, ќе ни „побегне“ иднината

Ако не мислиме на младите, ќе ни „побегне“ иднината
Прилеп, 11 јануари 2022 (МИА) - Невработеноста, лошата материјална состојба и користењето дроги и опасностите од алкохол и деликвенција, се клучните проблеми со кои се соочуваат младите изнесени во анализите на младинската организација „Коалиција СЕГА“ од Прилеп. Тие ги анализираат состојбите во минатата и очекувањата за годинава. Апатичноста, немањето потреба да се смени нешто, зашто е залудно, е основата за сите анализи како се чувствуваат младите во земјава, тврди Зоран Илиески, директор на невладината младинска колаиција „Сега“. Тие направија детална студија за состојбата меѓу младите во земјава. Младите не веруваат дека нешто ќе променат, затоа се подготвени да заминат. - Основното ниво на состојбата меѓу младите е апатичноста. Сумирано од сите состојби во опкружувањето, од економското, политичкото дејствување и поради трендовите кои се во нашето општество. Сето дејствува на апатичното однесување. Генерално, потребата за промена на состојбата е на најниско ниво. Разочарани од опкружувањето или од стандардот на живеење, првото кое се подготвени да го направат е да заминат од државава. Согласно со студијата која ја правевме 2021 година, нивната подготвеност за решавањето на проблемите е на најниско ниво, а нивното решение е заминувањето во земјите членки на ЕУ, вели Илиески. Од младите  58,5 отсто од направената студија посочиле дека главен проблем е невработеноста односно можноста за вработување. Ова е највисок процент на потенцирање како клучен проблем. На второ место на проблемите е лошата материјална и финансиската состојба, односно, 50,8 проценти млади чувствуваат дека живеат во лоша економска и материјална состојба. Третиот проблем со кој се соочуваат младите е користењето дроги и опасностите од алкохол и деликвенција. Така се изјасниле 45 отсто од анкетираните млади. Младите немаат доверба во институциите за да се впуштат во решавањето на проблемите, констатираат, според анализите, од невладината младинска организација „Коалиција СЕГА“. - Ако ги имаме предвид овие три параметри, разбирливо зошто е таква нивната реакција. Единствениот излез кој го бараат е, не да влезат во решавање на проблемите, туку да заминат во земјите од ЕУ. Според истражувањата, ова е најголемо ниво, потребата да се замине од државата. Од друга страна, пак, вкрстено со истражувањата меѓу младите и бизнисите, токму тука е недостигот од работна сила. Значи, речиси две третини од младите или заминале, или ќе заминат од државава. Основата што не сакаат да се впуштат во решавањето на проблемите е недовербата во системот и во институциите. Главно, се незадоволни од политиките во здравството, образованието, домувањето и културата. Во суштина, ова се основните елементи на секојдневното живеење кои го засегаат секој човек, без разлика дали е млад или возрасен. Затоа, разбирлива е нивната потреба од заминување. Сметам дека тој тренд директно ќе влиае на функционирањето на институциите, на бизнисите во земјава. Едноставно, ќе нема кој да работи, ќе нема кој да троши, објаснува Илиески. Во почетокот на пандемијата, сите се вратија дома, принудно. - Но, во 2021 година заминаа не само оние кои претходно го направиле тоа, туку и другите кои имаа намера да го направат тоа. Факт е дека младите не заминуваат на три месеци за да најдат работа, заминуваат да останат надвор од државава, објаснува Илиески. Состојбите ги влошува непримената на Законот за вклучување на младите во општествените политики. Законот го имаме две години, вели, но е како мртво слово на хартија. Нема спроведување. Токму затоа, анализите говорат дека само осум проценти од здруженијата на граѓани, односно младите, веруваат дека Законот ќе заживее. Има советници за млади во Општините, но не знаат што да работат. Нефункционалноста е главното. Поради немањето казнени одредби, не се спроведува Законот. -Речиси две години имаме закон за вклучување на младите во општествените политики. Донесен е во почетокот на 2020 година. Конкретно, од јануари 2020 година имаме усвоено закон за младинско учество и младински политики кој треба да ги подобри состојбите преку вклучување на младите во креирањето на општествените политики, од една страна, а од друга, да го искористи нивното слободно време, особено на локално ниво. Овој закон требаше, барем досега, да обезбеди да се формира Локален младински совет кој ќе овозможи младите луѓе да дискутираат, да застапуваат и да решаваат одредени прашања, преку локалната самоуправа. Нашето истражување покажа дека само осум проценти  од здруженијата на граѓани, на организираните млади луѓе, веруваат дека овој Закон ќе биде функционален и ќе може да придонесе за спроведувањето на потребите. Тоа се базира на неспроведувањето на мерките и одредбите на овој закон. Од државата и од локалните самоуправи. Локалните самоуправи треба да формираат канцеларија за млади, место каде младите може да појдат и да прашаат сѐ што ги интересира. Дури има одредба локалните самоуправи да назначат службеници за млади.  Да, тие се назначени, но никој од нив не знае што да работи и која е нивната функција. Во таков контекст и ние како организација сакаме да дадеме свој придонес за да работиме со овие службенции за млади, да станат покомуникативни, вели Илиоски од невладината „Колаиција СЕГА“ Сето ова на младите им го наметнува чувството на несигурност, на апатичност во нашата заедница и се отвора прашањето што е тоа што треба да се направи за овој Закон да живее. - Од нашите анализи констатиравме дека на Законот му недостигаат завршни одредби со кои ќе ги казни оние кои се одговорни за неговото спроведување. Ќе мора да се направат измени во Законот за да се преземе одговорност за институциите кои се одговорни за неговото спроведување. Според нас, одговорни се сите локални самоуправи, а на национално ниво Агенцијата за млади и спорт и Владата. Значи неопходни се измени на законот за да има негова примена, односно казнени санции за неговото неприменување, смета Илиески. Претседателот на прилепскиот општински совет Дејан Проданоски смета дека треба што поскоро да се ефектуира Законот. -Одредбите и правилата ги имаме. Потребите, проблемите на младите прво да се артикулираат во урбаните заедници, па преку Општината да се дискутира и расправа за нив. Потребниот младински совет може да поставува прашања, да учествува во решавањето на проблемите. Тоа мора да го спроведеме зашто младите се нашата иднина и треба да го слушнеме нивниот глас, смета Проданоски. И анкетата на младите низ Прилеп го потврдува ставот: се чувствуваат некорисно, зашто никој не ги прашува и не го слуша нивниот глас. Само возрасните решаваат за нивните проблеми, а никој не ги прашува младите. И не треба да зачудува што заминуваат од државата. За да се задржат, треба да се чуе гласот на младите, сметаат младите прилепчани. Интересно е дека на прашањето каде младите се чувствуваат небезбедно, најголемиот број одговориле дека најнебезбедно се чувствуваат на Интернетот, а го користат дури преку 80 насто од нив. -Дури 80 насто млади своето време го поминуваат на Интернет. А таму се чувствуваат најнебезбедно. Најбезбедни се, велат, во домот. Зошто е тоа така? Бидејќи се работи за светски тренд. Тие не може да излезат од тој светски тренд. Сите се таму, како што бара трендот, на Интернет, вели Зоран Илиески од невладината младинска Коалиција „СЕГА“ Фрапантини се податоците од истражувањата дека дури 45 проценти од младите виделе или слушнале за насилство. Насилството меѓу младите е зголемено најмногу од кога и да било досега. Зошто, од невладината младинска организација СЕГА имаат свој одговор. Сметаат дека е алармантно и мора сите да преземеме нешто и тоа што побрзо. Во спротивно, ќе добиеме „бумеранг“. Решението е системско. -Ова е состојба и има влијание на целосното опкружување. Ова е алармантно за сите институции кои треба да го превенираат насилството меѓу младите.  Може да премине во екстремизам и во радикализам. Сериозен е податокот дека 45 насто од младите биле сведоци на насилство. Ја отсликува реалната состојба на нашето живеење. Решението е системско: решавање на ситуации, на проблеми, решавање на домувањето, вработувањето, здравството. Тоа ќе им го одвлече вниманието на младите од насилството, заклучува Зоран Илиески од невладината младинска организација Коалиција СЕГА. Општиот впечаток во почетокот на 2022 година, како што порачуваат оттаму, е  дека ако ја сакаме иднината, треба да се погрижиме за младите, да го слушнеме нивниот глас и да ги решаваме, час поскоро, нивните проблеми. Ако не се свестиме, младите ќе не напуштат неповратно. И нема да ни простат. Елизабета Митреска

Остани поврзан