Академија ФМП ќе учествува во БИБЛ во сезоната 2021/22
- Македонскиот кошаркарски прволигаш Навико Академија ФМП ќе учествува во БИБЛ Лигата во сезоната 2021/22.

Скопје, 30 јули 2021 (МИА) – Македонскиот кошаркарски прволигаш Навико Академија ФМП ќе учествува во БИБЛ во сезоната 2021/22.
Покрај настапот во домашното првенство и националниот куп, клубот од Кисела Вода пријави учество и во регионалната Балканска лига како еден нов предизвик за наредната сезона.
- Зад нас е успешна сезона во којашто успеавме да се пласираме во полуфиналето на Купот на Македонија и да избориме пласман помеѓу најдобрите осум екипи во домашното првенство. Наредната сезона пред нас е поголем предизвик, освен натпреварите од домашната лига и Купот на Македонија, не очекуваат и натпревари на меѓународна сцена кои ќе бидат пред се искуство и предизвик за нашата екипа, соопшти Академија ФМП.
Претходно од македонските екипи пријава за учество во БИБЛ поднесоа ТФТ и Куманово.
Во лигата сезоната 2021/22 ќе се натпреваруваат и екипи од Израел, Бугарија, Црна Гора и Косово. Регионалното натпреварување кое ќе биде поделено во две групи со по 6 екипи, треба да започне на 5 октомври, по претходно извршена ждрепка која е најавена на 26 август во Софија. зс/