АИ: Пресретнувањето на глобалната флотила претставува чин на заплашување
- Пресретнувањето на Глобалната флотила „Сумуд“, кое го спроведе Израел, претставува „смислен чин на заплашување“ со цел казнување и замолчување на критичарите на незаконската израелска блокада на Појасот Газа, соопшти денеска Амнести Интернешнл (АИ), повикувајќи на итно и безусловно пуштање на задржаните активисти.
Лондон, 2 октомври 2025 (МИА) – Пресретнувањето на Глобалната флотила „Сумуд“, кое го спроведе Израел, претставува „смислен чин на заплашување“ со цел казнување и замолчување на критичарите на незаконската израелска блокада на Појасот Газа, соопшти денеска Амнести Интернешнл (АИ), повикувајќи на итно и безусловно пуштање на задржаните активисти.
Генералната секретарка на АИ, Ањес Каламар, наведе дека пресретнувањето на флотилата и задржувањето на нејзиниот екипаж претставува „дрзок напад врз активисти“ кои спроведуваат целосно мирна хуманитарна мисија.
- Самата фактичка потреба тие воопшто да испловат е јасна обвинителна пресуда за упорниот неуспех на меѓународната заедница да го прекине тековниот геноцид кој го спроведува Израел и да обезбеди непречен проток на помош за Палестинците во Појасот Газа, рече Каламар.
Според неа, пресретнувањето на флотилата следело откако израелските претставници со недели се заканувале. Приведените активисти, кои во рамките на глобалната флотила „Сумуд“ превезувале хуманитарна помош за Појасот Газа и кои биле пресретнати од израелската морнарица, ќе бидат префрлени во Израел за да почне процедурата за нивна депортација во Европа, соопшти израелското Министерство за надворешни работи.
- Времето за обично осудување заврши. Државите ширум светот мора да делуваат сега и јасно да стават до знаење дека повеќе нема да толерираат систематско изгладнување на Палестинците во Газа од страна на Израел, ниту неговото таргетирање на невооружени цивилни хуманитарни напори. Децениската неказнивост за очигледните прекршувања на меѓународното право од страна на Израел мора да заврши, ништо не може да го оправда геноцидот, напиша Амнести на Х. јт/