• петок, 05 декември 2025

Азески учесник на Конференцијата за економија „Црна Гора 2025“ 

Азески учесник на Конференцијата за економија „Црна Гора 2025“ 

Скопје, 17 октомври 2025 (МИА) - На покана на претседателката на Стопанската комора на Црна Гора, Нина Дракиќ, претседателот на Стопанската комора,  Бранко Азески вчера и денеска учествува на Конференцијата за економија „Црна Гора 2025“, што се одржува во Будва.

Оваа престижна конференција, која континуирано се одржува од 2010 година, информираат од Комората, претставува значаен економски форум на регионално ниво, на којa учествуваат истакнати претставници на владите, економисти, универзитетски професори и бизнис-лидери.

Главната тема на годинашното издание е „Економиите на регионот пред предизвиците на современото време“, со фокус на анализа на актуелните економски состојби и можните одговори на идните развојни предизвици.

Конференцијата ја отвори претседателот на Владата на Црна Гора, Милојко Спајиќ, а низ панел-дискусиите учествуваат претставници од бизнис-заедницата, економски експерти и академици. Новина во програмата оваа година се разговорите со успешни претприемачи од Црна Гора и регионот, посветени на улогата на стопанството во градењето стабилни економски системи.

-На конференцијата, претседателот на Комората, Бранко Азески, го истакна значењето на регионалната соработка како клучен предуслов за економската интеграција на регионот, но, во исто време, да се обезбеди и активно вклучување на приватниот сектор во сите овие процеси. Македонската економија, како мала и отворена економија, мора максимално да ги користи потенцијалите на регионалната соработка, доколку сака да испорача повисоки стапки на економски раст. Анализите укажуваат на тоа дека потенцијалите на регионалната соработка не се доволно искористени, иако во вкупен обем расте континуирано, сепак во изминативе две децении не надминува повеќе до 16 проценти од вкупниот македонски извоз годишно. Процедуралните пречки и нетарифните бариери во регионалната трговија сè уште претставуваат значителна пречка за компаниите, особено малите и средни претпријатија, за тие да се одлучат да започнат со извоз и бројката на извозни мали и средни претпријатија едвај достигнува 3500 компании, соопшти Комората.

Конференцијата, како што посочуваат од Комората, овозможи меѓукомпаниски средби, вмрежување и размена на искуства меѓу претставниците на економиите од регионот.

Во рамките на настанот се одржа и билатерална средба меѓу Стопанската комора на Северна Македонија и Стопанската комора на Црна Гора, насочена кон продлабочување на економската соработка меѓу двете земји.вј/

Фото: Стопанска комора

Остани поврзан