• четврток, 21 ноември 2024

Азески: Оптимист сум дека ќе се најде решение во интерес на бизнисот на средбата меѓу Владата и банките во недела

Азески: Оптимист сум дека ќе се најде решение во интерес на бизнисот на средбата меѓу Владата и банките во недела

Скопје, 13 ноември 2024 (МИА) – Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески очекува дека ќе се најде решение во интерес на бизнисот за каматата и провизиите за унгарскиот кредит наменет за компаниите на состанокот меѓу Владата и банките што ќе се одржи во недела во Министерството за финансии. Иако не е поканет на состанокот, како што вели, оптимист е дека ќе се најде решение и апелира тоа да оди во пакет со прашањето за капитализацијата на Македонската банка за поддршка на развојот затоа што таква институција е потребна за бизнисот. Доколку го поканат на состанокот подготвен е да оди.

-Досега не сум поканет, а време има да ме поканат. Кога се работи за интересите на бизнисот на полноќ да ми јават ќе станам и ќе одам, и во недела. Го пратам процесот како и сите заинтересирани луѓе и јас во колумна го изнесов својот став. Може тој да се коментира и вака и така, но ние бизнисмените не можеме да се согласиме, односно да содејствуваме во една состојба во која што имаш пари на сметката, а не знаеш што да правиш со нив. Значи, еден ден да седат за нас е тоа изгубено време. Мислам дека е време да се разреши тоа прашање и дека имаат капацитет и Владата и банките да го разрешат тоа прашање и се надеваме дека тоа ќе биде во интерес на фирмите, бидејќи овие средства се наменети баш за нив, рече Азески  во одговор на новинарско прашање по потпишувањето договор за соработка со Транспаренси Интернешнл – Македонија.

На таков начин, додаде, ќе се помогне на стопанството да се преброди периодот до почетокот на следната година, кога имаме сериозна обврска за враќање на обврзницата за која што се резервирани пари и нема да се подјадуваат капиталните инвестиции или други со ребаланс на буџетот, туку ќе се искористат за развој на бизнисот. 

Прашан колкава банкарска провизија бараат банките за заемот, рече дека не знае, но додаде дека ако е каматата 3,25 проценти не може да се земе некоја баснословна сума за провизија.

-Се знае колку е провизијата во однос на каматата. Така што, ќе биде тоа во рамките на очекувањата на бизнисот. Бизнисот има потреба од пари секогаш за инвестиции и од она што го знаеме од анкетите ќе има инвестициски програми коишто чекаат на реализација. Заеднички банките со смалување на нивните редовни каматни стапки за инвестициски активности и државата со оваа помош треба да помогнат бизнисот да направи чекор и да не се срамиме веќе од бројките од 1,8 проценти раст на БДП, туку да се дигне како што е предвидено на 3-4 отсто за да можеме да бидеме во рамноправна трка со сите. Вака со просек којшто е на ниско ниво 30 години практично ја загрозуваме иднината на нашите деца и не можеме да го спречиме процесот на иселување, потенцира Азески.

Тврдам, посочи, дека банките во делот на бизнисот се со најпрофесионална структура, а Владата има голема одговорност сега на почетокот на мандатот да направи добар потез.

-Така што мислам дека бизнисот овој пат ќе ќари, нема каде да се оди, едните треба постојано да се докажуваат, другите се на почеток на мандатот, а ние сме тие што треба да ги искористиме тие средства на најадекватен начин. Тоа значи, и понатаму извозот да остане приоритет број еден, со тоа да се подобри продуктивноста и иновативноста и можеме на тој начин да создадеме додадена вредност со која што ќе ги враќаме долговите којшто ги направил некој пред нас, порача Азески.

На барање на премиерот Христијан Мицкоски во недела во Министерството за финансии ќе се одржи состанок со банките за одредување на трошоците кои ќе треба да ги платат фирмите за префрлање на парите од унгарскиот заем наменет за поддршка на компаниите. вј/нд/

Фото: МИА

Остани поврзан