• петок, 22 ноември 2024

Аеродромот во Тирана од утре се враќа во нормала, пристигнаа контролори од Турција

Аеродромот во Тирана од утре се враќа во нормала, пристигнаа контролори од Турција
Тирана, 8 април 2021 (МИА) - По два дена прекин на летовите, поради штрајк на контролорите за летање, од утре аеродромот во Тирана се враќа во нормала, изјави денеска албанската министерката за инфраструктура, Белинда Балуку. - Ситуацијата со летовите е веќе одблокирана. Од денеска попладне ќе има само суштински летови: здравствени, дипломатски, воени, владини, хуманитарни. Попладнево ќе пристигнат вакцините кои требаше да пристигнат вчера. Од утре почнуваат комерцијалните летови, што значи нормална работа на аеродромот, истакна Балуку. Таа уште еднаш обвини дека ова е смислен политички акт на две недели пред изборите. - Оваа тешка и вонредна состојба нè натера да сфатиме дека беше организирана од партија за да има ќор-сокак до изборите, за што се преземаат мерки за да се направи уште подлабока проверка на состојбата. Важно е дека воздушниот сообраќајот од утре се се враќа во нормала, додаде Балуку. Како што објави Топ чанел телевизија албанските се заменети со турски контролори, кои во Тирана пристигнале синоќа од Подгорица. Тоа всушност го најави премиерот Еди Рама, кој синоќа ги повика контролорите да го прекинат штрајкот а доколку не го направат тоа ќе ги изгубат работните места, зашто ќе бидат заменети со други. Вчера 65 контролори на летање престанаа со работа барајќи исполнување на неколку барања: враќање на отпуштените колеги на работа, укинување на одлуките на Управнот одбор, враќање на целосната плата според колективниот договор (4.400 долари), целосна финансиска транспарентност за 2020 година, како и претставник на синдикатот да биде член на Управниот одбор. вт/ми/

Остани поврзан