• недела, 22 декември 2024

АД МЕПСО: Завршува модернизацијата на 110 киловолтното  поле во 400/110 киловолтната ТС Битола 2

АД МЕПСО: Завршува модернизацијата на 110 киловолтното  поле во 400/110 киловолтната ТС Битола 2

Скопје, 8 ноември 2024 (МИА) - Завршува модернизацијата на 110 киловолтното  поле во 400/110 киловолтната трансформаторска станица (ТС) Битола 2. Во крајна фаза се проектите за промена на високонапонската опрема со кои по повеќе од 40 години, се заменија старите прекинувачи на 110 киловолтно напонско ниво, поставени се нови 67 разделувачи на 400 киловолтно и 110 киловолтно напонско ниво, 114 изолатори и 75 нови мерни трансформатори на 110 киловолтно напонско ниво, информираат од АД МЕПСО. 

-Со овој процес на модернизација на опремата во оваа трансформаторска станица во која се вложени 4,2 милиони евра, на долг рок ја зголемуваме сигурноста во управувањето со електроенергетскиот систем затоа што вградуваме нова и високодоверлива опрема во постројката на која електрична енергија и ја предава нашиот најголемиот производител РЕК Битола. Проектот завршува следната недела кога под напон ќе биде пуштено последното поле, велат од МЕПСО.

Со модернизација и надградба на електропреносната мрежа, додаваат, не само што се зголемува безбедноста во снабдувањето со електрична енергија, туку на минимум ќе се сведат ризиците од испади или дефекти со што, како што посочуваат, значајно ќе се  намалат трошоците кои компанијата ги прави за одржување на оваа трансформаторска станица.

ТС „Битола 2“ има уникатно системско значење бидејќи на овој енергетски јазол е приклучен комбинатот РЕК Битола, а воедно во оваа трафостаница влегува и еден од двата 400 киловолтни далноводи со кои нашиот национален електропреносен систем е поврзан со соседниот електроенергетски систем на Република Грција, почетна точка е за 400 киловолтниот далновод кон Република Албанија, а од тука со 400 киловолтен далновод оваа станица е поврзана со ТС Дуброво. вј/дма/

Фото: МИА архива

Остани поврзан