АД МЕПСО домаќин на SELeNe СС, KOSTT и OST - Работна средба за зајакнување на енергетската безбедност преку регионална координација
- Во насока на забрзана регионална интеграција на енергетските пазари на земјите од Западен Балкан на веќе организираните пазари на Централна и Југоисточна Европа, АД МЕПСО денеска беше домаќин на состанокот на кој присуствуваа претставници на SELeNe CC- Грција и претставници на преносните систем оператори од Косово и Албанија, KOSTTи OST.

Скопје, 28 март 2025 (МИА) - Во насока на забрзана регионална интеграција на енергетските пазари на земјите од Западен Балкан на веќе организираните пазари на Централна и Југоисточна Европа, АД МЕПСО денеска беше домаќин на состанокот на кој присуствуваа претставници на SELeNe CC- Грција и претставници на преносните систем оператори од Косово и Албанија, KOSTTи OST.
Како што беше истакнато на средбата, регионалната соработка и развојот на внатрешниот пазар на електрична енергија не може да се одвива без Регионален координативен центар.
- Претставниците на систем операторите посочија дека секој од нив веќе е во напредна фаза на интеграција на националните регулативи за пазарот на електрична енергија со регулативите на ЕУ. Особен фокус беше ставен на важноста од зајакнување на енергетската безбедност во регионот и потребата од интензивна регионална соработка, при што се разгледуваа чекорите што ги презема секоја од страните за усогласување на плановите и обезбедување непречена транзиција во следната фаза на соработка, се наведува во соопштението.
Пристапувањето на АД МЕПСО, КОСТТ и ОСТ во RCC, претставува значаен чекор кон ефикасна координација на европските ТСО-а на регионално ниво, што е неопходно за успешно справување со предизвиците од „зелена транзиција“, но и чекор од процесот на спојување на пазарите - market coupling, со што ќе се оптимизира тргувањето со електрична енергија и распределувањето на прекуграничните капацитети помеѓу земјите. На тој начин ТСО-та ќе ја зголемат ефикасноста, ќе ги намалат ризиците од настани кои влијаат на големи географски области (како што се прекини во снабдувањето), ќе ги намалат трошоците и ќе ја зголемат конкуренцијата на пазарот, овозможувајќи поголем достапен преносен капацитет за учесниците на пазарот.
Денешната средба се случува откако во декември минатата година во Брисел, операторите на електропреносните системи од Западен Балкан потпишаа Декларација за регионална координација, со што се отвора можност за техничка и пазарна организација во областите за координирани операции на електроенергетскиот систем, како и тргување и аукција на електрична енергија, се посочува во соопштението.
SeleNe CC е Регионален координативен центар (RCC) за операторите на електропреносните системи (ТСО) во Југоисточна Европа кој работи во согласност со Регулативите на Европската Комисија 1222/2015 (CACM) и 2017/1485 (SOGL), Третиот енергетски пакет и Пакетот за чиста енергија. ев/лв/
ФОТО: МЕПСО