Агенцијата на ОН за палестински бегалци вели дека има доволно храна за целиот Појас Газа „за три месеци“
- Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА) денеска го поздрави договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас и изјави дека е „многу олесната“ и дека е подготвена да испрати итно потребна храна во Појасот Газа.
Женева, 9 октомври 2025 (МИА) - Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА) денеска го поздрави договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас и изјави дека е „многу олесната“ и дека е подготвена да испрати итно потребна храна во Појасот Газа.
-УНРВА има храна, лекови и други основни производи за Газа. Имаме доволно за да го нахраниме целото население во следните три месеци, напиша генералниот директор на агенцијата, Филип Лазарини на „Х“.
Околу 170.000 тони помош се подготвени и чекаат да бидат доставени во Појасот Газа, изјави портпаролот на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни работи (OCHA) во Женева, цитиран од ДПА.
Штом израелските власти, кои го контролираат пристапот до воената зона, дадат зелено светло, оваа помош може да им биде доставена на луѓето во нужда, рече тој. Помошта вклучува храна, лекови, шатори и други основни производи, додаде тој.
Порано оваа недела, OCHA соопшти дека израелските власти сè уште не одобриле или блокирале вкупно 45 отсто од испораките на хуманитарна помош од почетокот на војната во октомври 2023 година.
За да може да доставува помош до цивилите, на OCHA ѝ се потребни отворени гранични премини, гаранции дека хуманитарните работници и оние на кои им е потребна помош можат безбедно да се движат, визи за странски персонал и неограничен пристап до хуманитарна помош, рече портпаролот.
Тој, исто така, рече дека приватниот сектор во Појасот Газа мора да се обнови што е можно поскоро.
Израел и Хамас постигнаа договор за првата фаза од мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп за Газа.
Според Хамас, покрај враќањето на заложниците и ослободувањето на палестинските затвореници, планот предвидува крај на војната, повлекување на Израел од Појасот Газа и прием на хуманитарна помош на блокираната територија. мс/
фото: МИА архива