• сабота, 20 април 2024

Автобиографијата на Маја Трајковиќ „Пресек", промовирана во Крива Паланка

Автобиографијата на Маја Трајковиќ „Пресек

Крива Паланка, 28 март 2024 (МИА) - „Книга- лекција, наменета за само инспекција, лична голгота сервирана на свечена маса во форма на книжевна храна, што секој ќе рече, отвора нов прозорец кон светот. Јас велам, ова е книга-прзорец што отвора нов свет, по пресекот во животот на авторката", рече промоторката Ирена Белешковска на отворањето на промоцијата на автобиографијата на Маја Трајковиќ од Скопје во библиотеката „Кочо Рацин" при Национална установа Центар за култура Крива Паланка.

Трајковиќ е дипломиран професор по француски јазик и литература со италијански јазик, магистер по менаџмент во образование, А работи како библиотекарка во ООУ „Невена Георгиева -Дуња" во Скопје. Авторка е на вкупно четири книги, од кои една книга за деца, но она што ја прави единствена книгата е тоа што личната борба на Трајковиќ против ракот на дојка ја слика со сите нејзини голготи и премрежиња како пресек во животот, во кој успева да го остави зад себе агоничното, панично и исцрпувачко трагање по сопствената душа во тој процес, што во книгата е симболично обликувано како патување низ седум земји на: хаос, обврски и агенди, креација и инспирација, идеологија, земја на илузии, правдата, самосожалувања и лелек, за да на крајот, како жена- волчица, се сретне и помири со својата душа, ветувајќи дека ќе се наоружа со оптимизам и ќе продолжи да живее,за своите две сонца, синовите.

Цитати книгата на Трајковиќ читаше Мира Георгиевска од НУЦК и литературен клуб „Калин", Крива Паланка.

-Книгата е личен пресек што ме однесе на патот низ темнината, во друштво на темниот тип "рак" , со кој низ лавиринти, ходници, врати се страда и пати. Но горда на себе, благодарна на најблиските што ми помогнаа во таа борба, успеав да минам низ мрачниот тунел и да ја зграбам светлината на денот и животот. Токму затоа сакав да оставам трајно сведоштво за мојата средба со тој интелигентен "тип" што го знае јазикот на телото, ги познава хемијата, анатомијата, физиката... едноставно е способен низ секојдневните стресови да нѐ кутне на колена. Нека мојот избор на живот и светлината, бидат мотивација и пример за сите оние што минуваат тешки периоди при одот низ животот, рече Трајковиќ.

По нејзината премиерна промоција на „Пресек" во 2023 година, како прва автобиографија во земјава посветена на канцерот, авторката инспирира нови автори да пишуваат автобиографии.

Крива Паланка како „Град на културата" до крајот на месецот интензивно се подготвува манифестацијата што ќе ја отвори програмата за месец април, во понеделник, "Првоаприлска шега" со дефиле на повеќе од 600 ученици од предучилишни и училишни установи, избор на најубава маска, надополнети со акробации и музичка програма од познатиот македонски изведувач, Христијан Настески - Пајак, миленик на помладите генерации.ид/

Фото: НУ Центар за култура Крива Паланка 

Остани поврзан