• петок, 19 април 2024

Австриската полиција покрена истрага, бара помош од граѓаните: Објавени снимки од девојчето за кое се сомневаат дека е исчезнатата

Австриската полиција покрена истрага, бара помош од граѓаните: Објавени снимки од девојчето за кое се сомневаат дека е исчезнатата

Белград, 3 април 2024 (МИА) - Виенската полиција денеска, по налог на јавниот обвинител на Австрија, побара објавување нови фотографии на кои се гледа девојче кое личи на исчезнатата Данка Илиќ, како и две жени, јави дописникот на МИА од Белград.

Како што се наведува во полициското соопштение, потерницата е распишана бидејќи постои сомнеж за киднапирање на детето, а воедно се повикуваат сите кои ги познаваат жените или знаат каде се наоѓаат веднаш да се обратат во полиција.

Австриската полиција претходно денеска соопшти дека семејството на исчезнатата Данка Илиќ претпоставува дека двегодишното девојче е на видеото што е направено на трамвајската станица во Виена.

- Откако роднините на исчезнатото девојче ја погледнале снимката, претпоставиле дека е голема веројатноста дека станува збор за девојчето од Србија, се вели во соопштението на полицијата.

Се додава дека видеото до австриските власти го проследил маж кој на трамвајската станица „Шотенринг“ наишол на мало дете во придружба на две возрасни жени и ја забележал сличноста меѓу снименото дете и двегодишната Данка Илиќ.

„Српските власти потоа ја контактираа полицијата во Австрија, а истрагата за сомнежот за киднапирање на детето ја презеде виенската државна криминалистичка полиција“, се вели во соопштението.

Данка Илиќ исчезна на 26 март во близина на Бањско Поље во Бор, а потрагата по неа трае оттогаш.

Ова е прво официјално објавување фотографии од видеото од Виена на кое се гледа девојче кое личи на исчезнатата Данка Илиќ. Претходно видеото го објавија бројни таблоиди во Србија.

Портпаролот на виенската полиција Матијас Шустер денеска изјави дека откако имале увид во снимката што ја имале роднините на исчезнатата Данка Илиќ (2), голема е веројатноста дека станува збор за исчезнатото девојче и нагласи дека полицијата денеска објавила различни фотографии за оваа намена.

Шустер нагласи дека Државната криминалистичка полиција во Виена веќе покренала истрага.

- Имаме многу добар и близок контакт со српските власти во врска со девојчето кое исчезна на 26 март. Денеска по налог на Јавното обвинителство на Виена објавивме различни фотографии, на нив има мало дете и уште две жени. По увидот на видео материјалот од страна на роднините, голема е веројатноста дека се работи за исчезнато девојче, рече Шустер.

Двегодишната Данка Илиќ исчезна во вторникот на 26 март во околината на Бор. Специјалистички екипи на МВР претходните денови ја пребарале околината на куќата во која исчезна девојчето, тунелот, подземните канали и шахти, шумите и не пронашле траги што би укажале дека девојчето е таму. Поради исчезнувањето на Данка Илиќ, за првпат во Србија е активиран системот „Најди ме“.

Активирана е и жолта потерница на Интерпол, поради сомнеж дека девојчето се наоѓа во некоја од земјите на ЕУ. об/паг/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан