• петок, 05 декември 2025

Авганистански и пакистански делегации на разговори во Доха

Авганистански и пакистански делегации на разговори во Доха

Исламабад, 18 октомври 2025 (МИА) - Делегации од Авганистан и Пакистан денеска патуваат во Доха, главниот град на Катар, за да започнат разговори и да го смират насилниот конфликт по повеќе од една недела непрекинати борби во кои загинаа десетици луѓе, а стотици беа повредени.

Талибанската влада на Авганистан соопшти дека нејзиниот министер за одбрана и шефот на националната разузнавачка агенција патуваат во Доха. Пакистанска делегација, исто така, денеска отпатува во Катар, објави јавната служба на земјата.

Двете земји велат дека реагираат само на агресија, а Пакистан го обвинува Авганистан дека им дава засолниште на бунтовниците кои напаѓаат гранични области, обвинение што талибанската влада го негира.

48-часовното примирје истече синоќа, по што Пакистан ја нападна авганистанската погранична покраина Пактика.

Се вели дека Исламабад ги таргетирал скривалиштата на милитантната група Хафиз Гул Бахадур.

Официјален претставник изјави дека операцијата била директен одговор на самоубиствениот бомбашки напад во воен комплекс во Мир Али, во пакистанската покраина Хајбер Пахтунхва.

Авганистанската страна соопшти дека во нападите загинале најмалку 10 лица, меѓу кои жени и деца. 

Најмалку 17 цивили беа убиени во пакистански воздушен напад синоќа во округот Аргун во авганистанската покраина Пактика, објавија авганистанските медиуми, цитирани од ДПА.

Меѓу загинатите и повредените има членови на авганистанската крикет заедница. 

Во воздушниот напад, кој наводно погодил станбена зграда, повредени се 16 лица, вклучувајќи деца. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан