• понеделник, 30 декември 2024

Абас: Америка ги прекрши меѓународните закони, ветото на нацрт-резолуцијата на СБ на ОН е „агресија“ врз Палестинците

Абас: Америка ги прекрши меѓународните закони, ветото на нацрт-резолуцијата на СБ на ОН е „агресија“ врз Палестинците

Рамала, 20 април 2024 (МИА) - Америка ги прекрши сите меѓународни закони и ги отфрли своите ветувања во однос на решението за две држави и постигнувањето мир во регионот, изјави претседателот на палестинската самоуправа, Махмуд Абас, откако Вашингтон стави вето на нацрт-резолуцијата на Советот за безбедност на ОН за полноправно членство на Палестинците во оваа интернационална организација.

Во интервју за палестинската агенција ВАФА, Абас нагласи дека „неодговорното“ и „срамно“ вето на Америка претставува „агресија“ врз правата, историјата, земјата и светилиштата на палестинскиот народ и дека овој потег го доведува во прашање почитувањето на волјата на меѓународната заедница.

„Додека светот се согласува да го применува меѓународното право и да стои на страната на Палестина, Америка продолжува да ја поддржува окупацијата, одбивајќи да го принуди Израел да ја прекине својата геноцидна војна. САД му обезбедуваат на Израел оружје и средства што ги убиваат нашите деца и ги уништуваат нашите домови, а тие стојат против нас на меѓународните форуми и не придонесуваат за безбедноста и стабилноста во регионот“, рече Абас.

Тој ја обвини администрацијата на претседателот Џозеф Бајден дека не ги почитува ветувањата и обврските, молчејќи за наводната израелска кражба на палестинските фондови, и покрај тврдењата дека сака да го зајакне влијанието на палестинската самоуправа во регионот.

Додаде дека е неопходно Америка да разбере дека Блискиот Исток нема да се стабилизира без праведно решение на палестинското прашање, нагласувајќи дека „Ерусалим со неговите исламски и христијански свети места е црвена линија што никој не може да ја помине“. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан