• четврток, 04 декември 2025

АА на Таравари смета дека има институционална дискриминација во образованието

АА на Таравари смета дека има институционална дискриминација во образованието

Тетово, 23 јули 2025 (МИА) - Постои институционална дискриминација во образованието, истакна денеска на прес-конференција Белинда Амити од Секторот за образование на Алијанса за Албанците на претседателот Арбен Таравари.

Според неа, постои систематска дискриминација кон албанските образовни институции и намерно исклучување од проекти, фондови и стратешки развој на образованието во државата. Смета дека има и дискриминација кон албанските универзитети и училишта.

-Во конкурсот за финансирање на научноистражувачки проекти од посебен научен и општествен интерес за 2025 година (вкупен буџет од 30,4 милиони денари) четири проекти му се припаѓаат на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“- Скопје, еден проект на Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип и нула проекти за Универзитетот во Тетово и Универзитетот Мајка Тереза. Во конкурсот за распределба на средства за научноистражувачки проекти финансирани се седум македонски институти, а само еден проект му е доделен на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, рече Амити.

Таа ги посочи ставовите на Алијансата за Албанците за правично финансирање за сите универзитети и јавни училишта, без етничка дискриминација. Побара преглед на образовните реформи со активно вклучување на академската заедница на Албанците и сите заедници и формирање на независна комисија за проценка на употребата на вештачка интелигенција во образованието.

-Образованието е темелот на нашето општество. Не можеме да градиме иднина на скапани темели. Време е за правда, одговорност и образование што им служи на сите граѓани, рече Амити.

Воедно претставничката на АА посочи дека како партија се против неконтролираното експериментирање со вештачка интелигенција во образованието.ас/вј/
Фото: МИА 

 

Остани поврзан