• недела, 22 декември 2024

АА и Алтернатива поднесоа иницијатива за оценување на уставноста на владината одлука за ослободување на српските државјани од плаќање патарина

АА и Алтернатива поднесоа иницијатива за оценување на уставноста на владината одлука за ослободување на српските државјани од плаќање патарина
Скопје, 28 мај 2021 (МИА) - Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива денеска до Уставниот суд поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на одлуката на Владата за ослободувањето на српските државјани од плаќање на патарина при транзит низ земјава. Иницијативата ја поднесе адвокатот на коалицијата Абидин Абдули, кој изјави дека сметаат оти оваа владина одлука не е во согласност со законите во нашата земја. - Сметаме дека оваа владина одлука е противзаконска, бидејќи во Законот за јавни патишта таксативно пишува кои возила се ослободени од плаќањето на патарина. Затоа, оценуваме дека секоја владина одлука треба да биде во согласност со законите на Република Северна Македонија, рече тој. Абдули истакна дека не е првпат да не добијат одговор од Уставниот суд, но, како што рече, тие како политичка партија го креват гласот „против секоја неправда, против секоја владина одлука која не е во согласност со законите на оваа земја“. Владата пред неколку дена донесе одлука да се изработат 200.000 електронски картички за плаќање патарина за српските туристи и тие ќе им бидат давани на влез во Македонија на Табановце. На електронските картички ќе има 760 денари, колку што чинат патарините на автопатот од Табановце до Богородица. Изработката на една картичка ќе чини 100 денари. Владата вкупно предвиде 172 милиони денари (2,8 милиони евра) за набавка на овие 200 илјади М-Смарт картички за електронско плаќање патарина. Ослободувањето од плаќање патарина ќе трае од 15 јуни до 15 август. Вкавата одлука е донесна во знак на добра волја поради донациите на вакцини против Ковид-19 од Србија. Србија на земјава и донираше 8.000 вакцини „Фајзер“ во февруари, а потоа во април уште 40 илјади вакцини „Спутник“. Исто така, во Србија се вакцинираа и над 15 илјади македонски граѓани. фф/сп/

Остани поврзан