• среда, 25 декември 2024

Јурова: Новиот закон за медиуми ќе биде главниот знак за предупредување за земјите од ЕУ

Јурова: Новиот закон за медиуми ќе биде главниот знак за предупредување за земјите од ЕУ

Стразбур, 4 октомври 2023 (МИА) - Потпретседателката на Европската комисија, Вера Јурова, има големи очекувања од новиот европски закон за слобода на медиумите, кој ќе биде „голем предупредувачки сигнал“ за земјите-членки.

-Целата тенденција во Унгарија, која води кон монополизација на информациите, е нешто што не сакаме да се случува на друго место. Со текот на времето може да се обидеме чекор по чекор да ги растуриме ваквите системи, рече Јурова во интервју за Политико, откако Европскиот парламент донесе став за тој закон.

Новиот закон за медиуми има за цел да ја зајакне независноста на медиумите од политичкиот притисок и медиумскиот плурализам во ЕУ.

Во Унгарија, партијата Фидес на премиерот Виктор Орбан ја презеде де факто контролата врз 80 отсто од медиумите, според најновиот извештај на Репортери без граници.

Јурова рече дека во Унгарија сè и секого зависи од една партија и дека во таа земја нема јавни, туку државни медиуми и дека „има голема разлика меѓу економска поддршка за медиумите на транспарентен начин и корумпирани медиуми на скриен начин“.

Јурова посочи дека законот може да има висока цена доколку Будимпешта не ги почитува прописите, навестувајќи ги процедурите во случај на прекршување на законот.

-На крајот може да има високи казни, рече таа.

Јурова го посочи и случајот со Франција, каде беше уапсена новинарката Аријана Лаврио, која ја разоткри врската меѓу француските разузнавачки служби и египетските напади врз цивили.

-Францускиот случај покажува дека има многу слаба заштита“ на новинарите, изјави Јурова и посочи дека Франција е меѓу земјите што првично тврдеа дека законот за медиуми ги „уништува“ нивните „фантастични системи“.

-Секогаш го сметав за многу арогантно“, рече Јурова.

Пратениците на Европскиот парламент вчера донесоа став за Законот за слобода на медиумите, во кој се залагаат за построги исклучоци и засилени мерки за заштита на новинарите.

-Европратениците сакаат да ги забранат сите форми на мешање во уредничките одлуки на медиумите и да спречат надворешни притисоци врз новинарите, како што се принудување да ги откријат своите извори, пристап до шифрирана содржина на нивните уреди или користење шпионски софтвер против нив, се вели во соопштението. 

На 18 октомври, Европскиот парламент ќе започне политички дискусии за конечната верзија на законот со Советот на ЕУ.

Најчувствително прашање е колкава слобода треба да имаат владите во следењето на новинарите и нивните извори, а таа тема веројатно ќе поттикне жестоки дебати, бидејќи Парламентот и членките на ЕУ се на спротивни страни.

Јурова рече дека очекува државите да бараат повеќе исклучоци или можности за пресретнување на комуникациите и барање, откривање на изворите, но дека Парламентот не ја разочарал.

Двете страни ќе мора да направат компромис, рече Јурова и посочи дека треба да има „апсолутна сигурност во кои ситуации тоа ќе биде дозволено“ и дека се залага за тоа потоа да се информираат оние чиишто комуникации се прислушувани. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан