„Фолконика“ издаде музичка фолк-сликовница со мотиви од „Фана мома најлична“
- Песната е изведена од фолк пејачот Душко Георгиевски на фестивалот на народни песни „Тетовски Фолкфест“ во 1998 година.
Скопје, 28 ноември 2025 (МИА) - „Фолконика - Центар за зачувување и развој на македонската фолк-музика, фолклорното творештво, едукација и иновации за деца“ ја издаде музичката фолк-сликовница, создадена по текст и со мотиви од новокомпонираната народна песна „Фана мома најлична“.
„Сликовницата е значајна за процесот на едукација на децата, бидејќи преку интерактивно читање и музичка интерпретација, младата публика се запознава со македонската културна и музичка традиција, развива љубов кон народните приказни и учи за вредностите на автентичната македонска култура. Исто така, ова е голем придонес за македонското детско издаваштво, затоа што комбинира музика, литература и визуелна уметност во едно целосно искуство, создавајќи современ формат на образовна и културна содржина за деца. На страниците на сликовницата има мелографија за песната, текстот на песната,едукативен дел за учење да се свири и да се учат музичките инструменти, преку боење и креативност“, се наведува во соопштението.
Текстот на песната е потпишан од признатиот текстописец Огнен Неделковски, истакнат автор на стихови за македонски народни и забавни песни. Неговите дела се впечатливи по силните емоции и теми, а ги изведуваат бројни познати пејачи, кои со нив постигнале голема популарност. Музиката е дело на Тоде Спасовски, автор на многу народни новокомпонирани песни што и денес се дел од репертоарот на познати пејачи и фестивали. Неговата музика е препознатлива по тоа што ја спојува традицијата со современиот израз.
Песната „Фана мома најлична“ е изведена од фолк пејачот Душко Георгиевски на фестивалот на народни песни „Тетовски Фолкфест“ во 1998 година.
Сликовницата поттикнува креативност, музичко и ликовно образование и ја зајакнува македонската традиција во модерната детска литература.
„Сликовницата визуелно ја доловува магијата на песната и ја раскажува приказната на девојката Фана, преку уникатни илустрации коишто ги привлекуваат децата, но и возрасните кои ја почитуваат македонската народна традиција. ‘Фана мома најлична’ е повеќе од песна и сликовница, тоа е патување низ македонската народна традиција, пренесено на хартија и низ мелодијата на современа интерпретација, што ќе остане да се памети“, се додава во известувањето.

Со оваа сликовница, „Фолконика“ ја продолжува својата мисија за зачувување на македонските народни песни, со цел пренесување на младите генерации, за да го запознаваат и негуваат македонското музичко народно богатство.
„Фолконика“ изразува голема благодарност до авторите, за отстапените авторски права за издавање на сликовницата, со што заеднички со авторите, придонесува кон оставање трајни вредности, во македонската народна музичка традиција, за идните генерации. Музичката фолк сликовница „Фана мома најлична“ произлезе од проектот „Народна музика, слики и традиција“, којшто за дел од активностите, се вели, со скромни финансиски средства е поддржан од Општина Гази Баба. си/са/
Фото: „Фолконика“.