Доделени „БЕАМ“ наградите за најдобрите настани во 2025 година
- Со секое ново издание, фестивалот „БЕАМ“ поставува нови професионални стандарди и ја истакнува важноста на настаните...
Скопје, 6 март 2026 (МИА) - „БЕАМ“ ги додели „Наградите за најдобрите настани во Македонија“ (Best of Event Awards Macedonia - BEAM) за 2025 година, на свеченоста којашто се одржа во Скопје. Фестивалот веќе четврта година ги препознава и наградува проектите што поставуваат нови стандарди во креативноста, продукцијата и стратегиската комуникација преку настани. Притоа, „Гран при“ признанието за најдобар настан во 2025 година ја освои Асоцијацијата на македонската индустрија за видеоигри - МГИ за конференцијата „Гејм дев рев 2025“ (Game Dev Rev 2025), којашто победи и во категоријата Најдобра конференција.
„'БЕАМ' е фестивал што ја препознава и вреднува извонредноста во концепцијата, стратегијата и реализацијата на настани, а за добитниците одлучува жири-комисија составена од 21 истакнат професионалец од индустријата. Проектите се оценуваат според однапред утврдени критериуми за креативност, ефикасност, продукциска вредност, квалитет на реализацијата и влијание во заедницата“, соопштија организаторите.
Водител на настанот беше Огнен Јанески, додека наградите на добитниците им ги врачија членовите на жири-комисијата.
- Четврта година ја славиме индустријата за настани и креативноста на луѓето кои ја создаваат. Имавме одлични пријави и сериозна конкуренција, а жири-комисијата и оваа година имаше тешка и одговорна задача да ги избере најдобрите. Среќни сме што „БЕАМ“ расте со секое издание и што наградата веќе се препознава како репер за квалитетот што се создава во оваа индустрија. Им честитаме на сите номинирани и на добитниците, изјави Маја Бабиќ, директорка на „БЕАМ“.

Добитници на БЕАМ наградите за 2025 година по категории:
- Најдобар културен настан: „Инфјужн“ (Infusion) - 4. Фестивал на инклузија - Организатор: Здружение „Икуалити“;
- Најдобар музички настан: Концертен караван „Нека трепка“ - „Идеа Лаб“;
- Најдобар корпоративен настан: „40 години НЛБ Банка“ - Публицист груп;
- Најдобра конференција: „Гејм дев рев 2025“ - Асоцијација на македонската индустрија за видео игри - МГИ;
- Најдобар настан за бренд-активација: „Ди-ем - Фајнд јор бјути“ (DM Find Your Beauty) - „Дивижн“
- Најдобар хуманитарен настан: „Две години сјај, на хуманоста и нема крај“ - Дајмонд Мол
- Најдобар ПР-настан: 50 години, две легенди - 'БМВ Серија 3' и Влатко Стефановски“ - „Идеа Лаб“;
- Најдобар спортски настан: „Охрид Трчат 2025“ - Атлетски клуб „Охрид Трчат“
- Најдобар експо настан: „Ди-ем - Фајнд јор бјути“ (DM Find Your Beauty) - „Дивижн“; и
- Главната „Гран При“ наградата отиде кај - „Гејм дев рев 2025“ - Организатор: Асоцијација на македонската индустрија за видео игри - МГИ.
Наградите „БЕАМ“ се доделуваат од 2023 година, нагласува организаторот, со цел препознавање и афирмација на извонредноста во индустријата за настани во Македонија. Со секое ново издание, фестивалот „БЕАМ“ поставува нови професионални стандарди, ја истакнува важноста на настаните како дел од современите комуникациски и маркетинг-стратегии и ги поврзува најдобрите професионалци од оваа сфера. си/
Фото: „БЕАМ“